СДСМ заедно со своите коалициони партнери денеска поднесе Предлог закон за изменување и дополнување на изборниот закон. Дополнително, за регулирање на изборните правила, опозициската коалиција поднесе и Предлог закон за изменување и дополнување на кривичниот закон, информираше Игор Ивановски, координатор на пратеничката група на СДСМ.
-Земајќи предвид дека власта во измените на изборното законодавство кои се на дневен ред на оваа собраниска седница, реши да ги игнорира забелешките на ОБСЕ и ОДИХР и не прифати ниту еден наш амандман, ние се одлучивме на ваков чекор.Во нашите предлози се содржани сите препораки на ОБСЕ и ОДИХР. Потенцираме дека тие препораки се препораки и на Европската Комисија, рече Ивановски.
Тој истакна декаа само на ваков начин, со усвојување на овие закони, ќе се создадат неопходните предуслови за одржување на слободни фер и демократски избори, без разлика дали се локални, парламентарни или претседателски избори.
-На митингот во неделата, најголемата опозициска коалиција “Сојуз за иднината“ јасно и недвосмислено побара во март заедно да се одржат и локални и предвремени парламентарни избори.Уште во моментот кога прв пат ја споменавме оваа можност за заеднички избори, беше јасно дека Груевски и ВМРО ДПМНЕ сакаат да ја избегнат таквата опција.Ние во нашите барања за предвремени парламентарни избори исклучиво се водиме од расположението на граѓаните кои во се’ поголемо мнозинство се противат на штетните политики на актуелната власт. Ако владејачкото мнозинство не ги прифати овие наши законски измени, односно барањата на ОБСЕ, ОДИХР и Европската Комисија, тогаш ќе се потврдат сомневањата дека оваа власт не сака изборно соочување на слободни, фер и демократски избори, додаде Ивановски.