ОИШ на СДСМ, преку својот портпарол, Лидија Апостолоска, реагира на вчера изнесените ставови на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ – Охрид, Јованчо Секулоски. Во соопштението се вели:

„Со достојна почит и извинување кон охридската јавност, приморани сме, по кај знае кој пат, да му укажеме на мојот уважен и почитуван колега –  портпарол од ВМРО ДПМНЕ Охрид дека залудно го троши времето на своите прес конференции, со провидни, прозрени и препознатливи таканаречени реторички прашања. Со неговата вчерашна изјава, која всушност и не е негова, туку е испратена директива пристигната од нивниот скопски централен штаб и само прочитана, уште еднаш се потврди дека охридското ДПМНЕ не знае да понуди ништо свое и ништо оригинално.

Ако и се случи на една прес-конференција да се пофалат со „нивните“ капитални објекти кои се изградени во Охрид за време на Владата на Љупчо Георгиевски, односно да се закитат со туѓи перја, следниот нивни чекор, во недостиг на конкретни локални изборни проекти, почнуваат да прашуваат. Но за разлика од нив, СДСМ Охрид нема време на своите прес конференции да се занимава со ДПМНЕ, затоа што прес конференциите на СДСМ Охрид се тематски, посветени на конкретни области од нашата изборна програма, многу значајни за граѓаните на нашата општина. Меѓутоа, очигледно е дека сите наши укажувања и интенции за достоинствена, позитивна и културна изборна кампања, за разлика од сите други политички партии кои учестуваат во изборната трка, не палат единствено кај ДПМНЕ. Но, тоа не е прв пат и тоа не е за чудење, затоа што друга стратегија до сега од охридското ДПМНЕ и не видовме.

Почитуван г-дине Секулоски, пред 4 години слоганот „Секој ден поблиску до целта“ беше изборниот слоган на СДСМ, кој се однесуваше на реалните можности за членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ. Тоа очигледно заборавиле да Ви го кажат Вашите повозрасни писатели на текстовите за Вашите прес конференции. Заборавиле да Ви кажат  и дека се она што беше сработено од СДСМ, до доаѓањето на ДПМНЕ на власт, ни обезбеди кандидатски статус за ЕУ и покана за членство во НАТО. Токму власта на ДПМНЕ тие реални можности за многу кратко време ги претвори во нереални и сите во државата, па и нас охриѓани, не врати многу назад, во изолација и заборав. Тоа се случува и денес, Вашата централна власт упорно и сигурно се повеќе не оддалечува од евро-атланските интегративни процеси. Толку за слоганот.

За Вашата друга омилена тема, Ви препорачуваме, ако веќе не сте во можност да се прошетате во цивилизираниот свет, тогаш барем искористете го времето да сурфате на интернет. Ќе видите дека во развиените цивилизирани земји не постојат табу теми за кои не се разговара и дебатира. Насекаде, г-дине Секулоски, и тоа како отворено се разговара и се дебатира и за нудистички плажи, и за јавни куќи, и за правата на геј популацијата, и за борбата против зависностите од алкохол, дрога, пушење и сл. Тоа се теми кои веќе никој не ги одбегнува, затоа што се реалност во современото живеење.
Но, Вие упорно бегате од реалноста, обидувајќи се да ги извитоперите фактите и да ги злоупотребите изјавите кои се извадени од контекст. Да се размислува, да се разговара и да се дебатира за таквите теми не значи и нивна практична примена или интенција за нивна реализација. Но, Вам така Ви одговара, мислејќи дека ке ја залажете јавноста со навреди и омаловажување на градоначалникот и дека ќе соберете понекој ефтин поен.. Од друга страна, мора да признаете дека разговорите и дебатите само за Букефал веќе се помалку досадни и излишни за нашата јавност.
    
И на уште една работа заборавивте. Ова се локални и претседателски, а не парламентарни избори. Ниту еден збор не слушнавме до сега од Вас, ниту едно обраќање на Вашите кандидати, без да се спомене Владата. Ако Владата и централната власт Ви се единствениот аргумент, а Ви се, тогаш сте ги погрешиле изборите. И не само тоа. Сте ја промашиле и поентата за процесот на децентрализација на власта, која е суштината на секои локални избори. Но ние не Ви замеруваме, затоа што сите знаеме колку здушно и упорно се боревте во изминатите 3 години таа децентрализација во Охрид да не успее. За разлика од Вас, кои на граѓаните им ја нудите само и само Владата, ние нудиме вистински кандидат за градоначалник и канидати за советници, за вистинска локална власт. Па да не преминеше еден советник од една друга партија во Вашите редови, Вие практично и ќе немавте Ваш советник во минатиот сотав на општинскиот советот. Ете колку Вам Ви беше грижа за Охрид, за наследените долгови, за Гранит, за решавањето на проблемите на охриѓани. Тука побарајте го одговорот на сите Ваши „прашања“. Ако не го најдете, тогаш прошетајте низ Охрид, прочитајте ја отчетната брошура на Градоначалникот и таму најдобро и најсликовито ќе ги најдете одговорите на Вашите „прашања“. Или, да сум попрецизна, одговорите сами ќе Ви стигнат на 22-ри март.

Толку за прес конференциите на ДПМНЕ. Доста е, дури и премногу“, стои во соопштението на портпаролот на ОИШ на СДСМ, Лидија Апостолоска.