Од општинската СДСМ обвинуваат за партиски вработувања, како што велат, кои се случуваат по само неколку седмици од објавениот оглас за прием на 10 нови државни слижбеници во општинската администрација.

– Овој пат во ЈП Охридски комуналец, за каде што е објавен оглас за прием на 38 нови работници кои би биле работно ангажирани во рок од 45 дена. Зошто и понатаму се вработуваат луѓе во општинските служби и јавни претпријатија, кога градските власти од ВМРО-ДПМНЕ веќе две години се жалат на превработеност во општинските институции? Во периодот од 4-ти до 9-ти февруари 2015 година, во само 6 дена, на интернет страницата на Агенцијата за администрација се објавени и фигурираат 63 активни огласи за вработување на државни службеници и 20 за јавни службеници. Или, од почетокот на годината, Агенцијата објавила 136 огласи за вработување на државни службеници и 50 за јавни службеници, велат од ОО на СДСМ.
 
Оттаму го повикуваат градоначалникот Никола Бакрачески, да појасни дали станува збор за неефикасност на службите или манипулација со своето членство.

– На членството преку времените вработувања им се фрлаат трошки за да ги намалат притисоците за нереализирани ветувања, велат од СДСМ.
 
Оттаму додаваат дека која и да е од двете алтернативи, е на штета на граѓаните на Охрид.

OhridNews