Политичкиот реваншизам е одлика на ДПМНЕ и тие тоа најдобро го знаат. Владеењето преку сеење страв е нивниот препознатлив белег, а за ангажирање на нестручни и несоодветни кадри, тие „до вчера“ пишуваа цели енциклопедии, се наведува во дописот на општинската СДСМ по денешните обвинувања од ОК на ВМРО ДПМНЕ.
– Заводот за кардиоваскуларни заболувања е една од најдобрите здравствени установи во земјава, за што може да посведочи и самиот Бакрачески. Најодговорно тврдиме дека никој и никогаш нема да дозволи тој имиџ да се промени. Ние жалиме што назначувањето на Бакрачески за раководител на Одделението за аритмии, ДПМНЕ го смета за политички реваншизам, но ако подобро се информираат, ќе видат и ќе можат и самите да се уверат дека станува збор за менаџерска одлука, а не политичка, велат од СДСМ.
Оттаму додаваат дека не е јасно од каде ДПМНЕ наоѓа образ да зборува за пресметување со политички неистомисленици, кога токму Бакрачески бил тој кој ја создал казнената испостава на локалната самоуправа во Косел, и одлучил таму да ги прераспределува, малтретира и под разни закани принудува да работат во услови под секакво човечко достоинство, вработени кои не ја симпатизирале неговата партија.
– Слично како што беше постапувано со поранешниот директор на ЈП „Билјанини Извори“ кој беше деградиран од директор до наплатувач на паркинг токму од страна на Бакрачески, а примери има уште многу. Социјалдемократскиот Сојуз е сериозна партија чија основна заложба и пред, и по преземањето на власта беше еднаш и засекогаш да се искорени принципот на вработување и унапредување само на политички подобните, а за сметка на квалитетните кадри. А за кадровските решенија на Заводот за кардиологија, ДПМНЕ може слободно да се обрати до менаџментот на установата и лично да добијат одговори на нивните прашања, велат од СДСМ.
OhridNews












