Изработката на новите акти за внатрешна организација и систематизација на работните места во локалната самоуправа и општинските јавни претпријатија е заснована единствено врз партиски желби и самоволие на ВМРО-ДПМНЕ и е мотивирана исклучиво од осветољубиви причини, велат од општинската СДСМ во врска со изјавата на градоначалникот Никола Бакрачески дека при систематизацијата на јавната администрација ќе се води сметка за социјалниот аспект на вработените.

Оттаму го прашуваат градоначалникот ако постои толку сериозен проблем со „преобемната и прегломазната администрација во Охрид која го оптоварува нормалното работење на локалната самоуправа и јавните претпријатија“, зошто во изминатите 6 месеци во истата таа администрација работно се ангажирале повеќе од нови 90 лица.
– Зошто само во општинската администрација, со решение или со договор за работа, работно се ангажирани нови 22 лица, што претставува зголемување за 10% од вкупниот број вработени во локалната самоуправа?! Зошто во општинските јавни претпријатија, од промената на локалната власт во Охрид наваму, работно се ангажирани додатни 70 лица?! Зошто Градоначалникот, кој беше многу јасен и дециден за време на изборната кампања, дека нема да отпушта од работа никого и дека целта му е да отвора нови работни места, не го исполни сопственото ветување, односно зошто ги испушти од работа искусните, стручните и соодветните работници од училиштата и градинките на кои им истекоа договорите за работен ангажман, за на нивно место да бидат примени нестручни и несоодветни кадри, се наведува во реакцијата од ОО на СДСМ.
Во врска со европските стандарди околу бројот на вработените во локалните администрации,од СДСМ потенцираат дека , покрај од бројот на жители во општината, зависи уште од голем број други фактори, кои се поврзани со специфичните територијални, економски и општествени карактеристики на самата општина, како и од нивото на децентрализација на централната власт.
Од СДСМ најавуваат дека жестоко ќе реагираат и ќе се спротивстават на сите отпуштања и примања во администрацијата што се мотивирани од политичко-партиска природа и за тоа ќе ги информираат сите релевантни домашни и меѓународни организации.
OhridNews











