Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Новата социјалдемократска партија ќе соработуваат и во вториот изборен циклус, најави кандидатот за градоначалник на Охрид од СДСМ, Александар Петрески.

„Уште на самиот старт бевме договорени дека  во вториот круг НСДП ќе ме поддржи, а веќе е формирано и мнозинството во советот. Штабот на НСДП работи на терен заедно со нашиот изборен штаб “, изјави Петрески.

Тој вечерва кажа дека остварил неколку средби и со кандидатот за градоначаник во првиот круг од НСДП, Ацо Попоски.

Иако беше најавено поддршката да биде официјализирана во присуство на лидерот на НСДП, Тито Петковски, поради, како што беше кажано, неговата презафатеност, тоа ќе биде направено во текот на наредните денови.

„Тито Петковски не можеше да дојде вечерва од причини што како кандидат за градоначалник ги има истите проблеми како и јас и мораше да остане во Скопје. Но сигурен сум дека јавно ќе ја соопштиме оваа соработка за да нема недоумица“, рече Петрески и додаде дека очекува од 70 до 100 проценти од гласовите на НСДП да се слеат во негова корист.

Вечерва во Охрид присуствуваше и шефот на централниот изборен штаб на СДСМ, Игор Ивановски кој рече дека СДСМ и Александар Петрески победиле во Охрид.

„Петрески има сериозна разлика во однос на противкандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, и што е уште поважно, таа разлика ќе биде уште поголема и во вториот круг“, изјави Ивановски.

Тој рече дека противничкиот политички табор прави очајнички обиди да ја добие власта во Охрид. „Жалиме што Гордана Јанкуловска наместо да работи во Скопје каде што луѓето ги тепаат на плоштадот или да оди во Струга кај што има инциденти помеѓу средношколците и да го гони криминалот, таа шета по охридските села, но безуспешно бидејќи никој не и доаѓа“, рече Ивановски и додаде дека во текот на следните неколку дена заедно со лидерот на НСДП, Тито Петковски ќе настапат во Охрид и јавно ќе ја потврдат соработката.

Ohridnews