На коференцијата на општинската организација на СДСМ Охрид што се одржа вечерва, акламативно Асен Шајн е потврден за кандидат за градоначалник на Општина Охрид, а Јане Тодороски е избран за носител на листата на кандидати за членови на Советот на Општина Охрид како и персоналниот состав на истата.
На Охрид ќе му понудиме свежа енергија која искуството и мудроста ќе ги црпи од сите членови и симпатизери, а нашите советници ќе бидат гласот на секој еден охриѓанец. Не постои поголема чест од можноста човек да го застапува својот народ во локалниот законодавен дом. Нашите принципи се темелат на чесност, лојалност и транспарентност. Бидејќи само така ќе си го вратиме Охрид меѓу својот народ, онаму каде што припаѓа, соопшти ОО СДСМ по завршување на конференцијата на охридскиот огранок.
ВМРО ДПМНЕ, како што е познато од претходно, на претстојните локални избори во трката за градоначалник ќе настапи со актуелниот градоначалник Кирил Пецаков, додека листата на советници ќе ја предводи актуелниот претседавач на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски.
Со длабока почит, голема чест, искрена благодарност и силно чувство на одговорност ја ценам довербата на мојата матична партија да бидам носител и да ја предводам победничката советничка листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија” во нашиот најубав Охрид. Оваа одлука за мене не само што е признание за досегашната работа и како претседател на Советот на Општина Охрид, туку и јасен завет да продолжиме со уште поголема посветеност, со визија и со непоколеблива енергија да го водиме Охрид гордо напред, напиша на Фејсбук Божиноски.
Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври.
Г.М.