Изборот на 1.600 лица од ранливите категории за вработување во Македоски шуми по пат на јавна лотарија го нарушува достоинството на сите што нема да се вработат, реагира опозициската СДСМ.
-Мислам дека со овој потег што денес се случи Владата на Република Македонија навистина го руши достоинството на невработените, на оние со низок животен стандард или оние што живеат на дното. Мислам дека навистина е деградирачки да се пријавите и да очекувате некаква среќа да ви подели работно место. Не знае човек што да каже. Еве, се надевам оваа идеја нема да и падне на памет на владата да ја спроведе, на пример, да организира гладијаторски игри на арената Филип Втори и од 2-3 илјади луѓе, оние што ќе преживеат да добијат вработување и станови. Навистина тажно изгледаат овие проекти на Владата на РМ, Субрата Рој, лотарија за вработување и сето она што како игри и леб му го нудат на народот. – изјави на прес конференција Петар Атанасов, член Извршниот одбор на СДСМ.
Петар Атанасов
Тој ја искоментитра и одлуката на Владата за вработување на 294 психолози и педагози во основните и средните училишта, најавена од страна на Министсртвото за образование за наредните 2-3 години.
-Ние, се сомневаме во вашите добри намери! И, бараме Министерството за образование да ја информира јавноста за тоа каде, кога и на кој начин ќе се вработуваат овие кадри. Дали, господине министре, навистина ќе вработувате потребни стручни кадри или сте во интензивна потрага само по нови гласачи. Истовремено, ви укажуваме, дека пред и за време на изборните активности не е дозволено да се прават злоупотреби со вработувања во јавниот сектор. На крајот, бараме од Министерството за образование јавно да ја публикува анализата која наводно покажала дека токму овие, а не други стручни кадри, на пример дефектолози, се приоритетно потребни за спроведување на обврските од законите за основно и средно образование, за јавноста да се увери во исправноста на вашата одлука.-изјави Атанасов.
Според Атанасов администрацијата е веќе пребукирана, преоптоварена и има кадри кои можеби на некој друг начин би можеле да го решат тој проблем.
ВМРО-ДПМНЕ: Барем да молчеа од СДСМ за денешните вработувања
Доколку од СДСМ немаат храброст да ја поздрават мерката за вработување на 1.600 лица од социјално ранливите категории, барем да молчат и да се сокријат во сопствениот гнев и омраза.
Ова се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на изјавата на членот на СДСМ Петар Атанасов, кој оцени дека со лотаријата за вработувањето се нарушува достоинството на невработените.
„СДСМ незнаејќи како да го засенат проектот и да ја поматат среќата на луѓето на кои им е најпотребна, излегоа со куп измислици и квалификации“, стои во реакција.
„Нема ништо потажно од тоа партијата која ги создаде невработените, сега да го критикува нивното вработување и нема ништо полицемерно од тоа партијата која им ги затвори фабриките, им го згорчи животите на овие луѓе, сега да глуми душегрижник на нивните судбини“, велат од владејачката партија.
OhridNews