Охридските социјалдемократи реагираат на состојбите во образованието во дел од училиштата во Охрид каде, како што посочуваат, трета недела образовниот процес тече отежнато и во импровизирани услови.

Потсетуваат на изјавите на надлежните дека сите училишта во Охрид се подготвени за почеток на учебната година.

Го прашуваме претседателот на Совет Перчо Божиновски во какви услови учат учениците во неговото матично училиште- охридската гимназија? Самата директорка на Гимназијата признава: поради „недостатоци“, дел од поткровјето морало да се прави од почеток! Кој ја контролираше реконструкцијата? Кој ги направи пропустите? И кој ќе плати за повторно завршената работа? Свесни ли сте дека децата и вработенуте престојуваат таму во небезбедни услови? – прашуваат од СДСМ – Охрид.

Се реагира и на состојбата во ООУ ,,Григор Прличев” каде поради градежни работи комбинираните  смени на учениците траат до вечерните часови.

Зошто таму со градежни работи започнавте многу подоцна, а не како што било планирано па да имате време да го завршите реновирањето? Зошто им се кажало на родителите дека актуелните смени на учениците ќе траат многу кратко откако родителите загрижено реагирале што учениците во попладневните часови треба да учат до 20 часот, дополнително на реакцијата дека дечињата од нижите одделенија ќе одат само попладне на училиште, а фактичката состојба е дека градежните работи ќе траат подолго. – стои во реакцијата.

Од партијата бараат одговори и одговорност од надлежните во локалната самоуправа за состојбата во посочените училишта.

OhridNews