Не стивнуваат реакциите на опозицијата по одлуката на градскиот совет за разрешување и именување членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија и институции во општина Охрид.
Советничката група на СДСМ гласаше против сите предлог одлуки за разрешување и именување на членови во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, а идентичен став имаше и кон предлозите за разрешување и именување на членови во училишните одбори и тела на училиштата и другите образовни институции.
-Ваквиот став произлезе од причини што советниците не добија никакво објаснување и образложение за причините за разрешување на досегашните членови на одборите. Освен име и презиме на стриктно партиските предлози за нови членови во одборите, советниците не добија никакви доплнителни неопходни информации за луѓето што се предлагаат: ниту возраст, ниту степен на образование, ниту професија, ниту квалификации, објаснува координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.
Опозицијата забележува и на тоа не и било понудено ниту едно место во ниту еден управен, надзорен или училишен одбор, со што, според неа, новата локална власт покажала дека не се залага за никаква транспарентност, отвореност и јавност во работењето на јавните општински институции.
– Опозицијата остро се спротивставува на начините и методите на новата градска власт со закани и присила да се изнудуваат оставки од директорите на училиштата, при што се врши јавно омаловажување, понижување и отфрлање на сите постигнати евидентни и потврдени успеси и достигнувања во сферата на образованието во општината, изјави Тунтев.
Тој посочува дека и советниците од СДСМ ја напуштиле седницата на советот, но по завршувањето на расправата за точките во врска со предлозите за разрешување и именување на членови во училишните одбори на образовните институции.
-Советниците од СДСМ имаа професионална обврска и морална должност да проговорат и да ги искажат на говорница своите ставови за состојбите во сферата на образованието во општината. Поради тоа, советничката група од СДСМ остана во салата, за да учествува во споменатата расправа. По завршувањето на расправата, во која учествуваа единствено советниците од СДСМ, истите ја напуштија салата и не учествуваа во гласањето по предложените одлуки. Останатите советници од опозицијата најверојатно сметаа дека нема со што да придонесат во расправата по точките што се однесуваа на образовните институции, па можеби затоа ја напуштија седницата веднаш по расправата околу јавните претпријатија. Чувството на одговорност, доследност и посветеност на советниците на СДСМ беше посилно од чувството на револт, разочарување и незадоволство, што се јави кај сите советници од опозицијата, изјави Тунтев.
Покрај советниците на СДСМ, седницата на советот во петокот, на која меѓу другото се расправаше за разрешување и именување членово на управни и надзорни одбори, ја напуштија и советниците од ЛДП, ВМРО НП и НСДП.