На Македонските граѓани им должиме не само да ги ослободиме од сегашната власт туку да им покажеме дека во Македонија е можна и поинаква власт, власт која нема да создава страв, власт која ќе си ги врзе рацете и ќе овозможи судството, обвинителството и сите други институции неа да ја контролираат, власт која ќе овозможи слободни медиуми, но најважно од се, власт која ќе овозможи подобар живот во Македонија. Ова го истакна Заменик претседателот на СДСМ Радмила Шеќеринска во рамки на Партиската трибина која се одржа вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

-Нашата главна цел во програмата која ја подготувавме беше како да обезбедиме подобар живот кој што ќе им даде шанса на младите и надеж да останат тука. Првиот принцип кој што го воведовме е дека ни треба Македонија која што ќе создава повеќе работни места ама работни места со кои што семејството ќе може да се издржува. Македонија ќе мора да најде политика со која ќе ги поддржи домашните фирми. Нашата политика вели вака 140 милиони евра неповратна помош ќе им обезбедиме на македонските мали и средни претпријатија за да отвараат нови инвестиции и за да создаваат нови работни места. Со овие неповратни средства во Македонската економија и само во приватниот сектор ќе можат да се креираат околу 64.000 реални работни места, а помошта која ќе ја добиваат фирмите ќе зависи од тоа колкави плати ќе исплаќаат. Нашата цел е да ги стимулираме фирмите да исплаќаат повисоки плати и целта ќе ни биде просечната плата во Македонија да порасне над 29.000 денари, рече Шеќеринска.

Според неа, денес државата е влезена во џебот на секој македонски граѓанин и тоа мора да престане.

-Затоа предвидуваме радикална промена на системот на казни и прекршоци со кои буџетот се полни на сметка на граѓаните. Илјадници фирми се со блокирани сметки поради тоа. Ќе го воведеме правилото за кое власта ветуваше, а се уште не го реализира. Тоа значи дека секој инспектор ќе мора прво да го опомене било кој во бизнис секторот или гаѓанинот, кој не постапувал според правилата, па дури потоа ако се повторува прекршокот да пишува казни. Ќе ги намалиме трошоците за извршители и судски такси заради тоа што тоа е начин да им олесниме на семејните буџети, рече Шеќеринска.

Таа објасни дека се планирани и низа промени во делот на наплатата на даноци, а граѓаните кои имаат пониски приходи ќе плаќаат пониски даноци. Исто така таа најави дека во програмата на СДСМ се предвидени сериозни инвестиции во приоритетната патна инфраструктура, како и во делот на енергетиката и гасификацијата на државата.

OhridNews

Шеќеринска во Охрид: Само чисти избори можат да ја разрешат кризата во Македонија