ВМРО-ДПМНЕ и Никола Бакрачески по две години и десет месеци владеење немаат никакви резултати.ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески не реализираа ниту еден проект ветен пред граѓаните, велат од општинската СДСМ.
– „Дил ориентед“ политиките на Никола Груевски и виртуелните проекти, Охрид го ставија на првото место по бројот на иселени млади луѓе, според податоци на Заводот за статистика за 2015 година. Економската преродба и економскиот развој на Охрид, се трансформираа во економска стагнација на градот и најголемо отселување на млади образовани луѓе во последниве години. Криминалот и корупцијата на ВМРО-ДПМНЕ целосно го запустија Охрид, велат од СДСМ.
Оттаму додаваат дека сеуште ја нема изградбата на развојна индустриска зона на потегот пред село Лескоец, ниту на локацијата Мауцкер.
– Мауцкер е голема депонија на која се складира градежен шут и ѓубриште од целиот град. Ја нема изградбата на нова современа меѓународна автобуска станица. Се продаде земјиштето и толку. ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески заборавија на откупно-дистрибутивниот центар за раноградинарски производи со ладилник во село Лакчереј, иако во нивната програма беше предвидена изградба до 2014 година. Големо ништо е и изградбата на затворениот базен, иако манипулаторот Никола Груевски дојде во Охрид и се сликаше со уште една виртуелна изградба, велат од ОО на СДСМ.
Потенцираат дека ги нема ниту катните гаражи коишто Бакрачески ги најавил помеѓу приоритетните проекти, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски не направиле ништо за охриѓани, мислејќи само на личното богатење.
OhridNews