Пратеникот од опозициската СДСМ, Емилијан Станковиќ на денешната седница на која се поставуваа пратенички прашања, излезе со податоци дека Владата потрошила на милион евра за документарецот што беше снимен и се емитуваше на Македонската радио телевизија по повод 20 години од независноста на Македонија, што премиерот Груевски го оцени како обид за сензационализам.
Станковиќ го праша премиерот Никола Груевски дали на ваков начин, преку, како што рече, перење на народните пари се обидуваат да ги вратат долговите и „да ја покриете финансиската дупка на ВМРО-ДПМНЕ, која зјае отворена за 3,5 милиони евра од последните парламентарни избори и за кои немате законско покритие“.
„Премиере за 1.230.000 евра имавте прилика во Германија на вечерата да ја ангажирате Анџелина Џоли да го сними овој документарец и Бред Пит да го глуми Александар Македонски во епизодите за Македонија во антиката. Станува сè поочигледно дека Македонија си го има својот Санадер и аферата Фими – медиа“, рече Станковиќ.
Тој ја обвини владата дека наместо да ја ангажира МРТВ, која има највредна архива во своето депо, да го сними и да го направи овој документарец, ангажирала и плаќала приватни продукции.
„Ги ангажиравте Револушн ДООЕЛ 1 и ДООЕЛ 2, две продукции блиски до поранешниот директор на МРТВ, Ефтим Гаштев, осомничен за милиони евра тежок криминал. Овие две продукции на Ефтим Гаштев добиле скромни 170.000 евра. Контрабанда ДООЕЛ, продукција која ја произведува анимираната серија „Еднооки“ и чиј сопственик е задолжен да се мајтапи со историските придобивки на Македонија и да шири анти ЕУ расположение добила 120.000 евра. Томато продукција, којашто три изборни циклуси работи за ВМРО-ДПМНЕ, добила преку 300.000 евра за овој документарец. Сите останати продукции лапнале помеѓу 70 до 100 илјади евра. Парите сте ги обезбедиле од Т- мобиле и Телеком, легнати се на сметката на МРТВ и од таа сметка се исплатени’ рече Станковиќ.
За премиерот Никола Груевски, тука нема ништо незаконско од она што го кажал Станковиќ, освен, како што рече, бомбастичниот настап на Станковиќ.
„Очигледно е дека денеска добил задача да смисли нешто и да звучи сензационално и заборавил дека сите документарци што ги емитувапе Македонската телевизија на крајот на самиот документарец пишува дека е снимен во копродукција со некоја продукциска куќа. Не гледам што открил и што е таа афера. Господин Станковиќ, манипулациите што ги кажувате дека за прославата се потрошиле толку пари, дека пратеници ги правеле документарците, се нешто што веројатно треба да ја засили вашата денеска смислена комбинација за сензационализам. Меѓутоа доколку има нешто незаконски во целава оваа работа слободно изнесете го тоа јавно пред суд, пред обвинител и секој што постапил незаконски ќе одговара за тоа. Оваа власт никој ниту штитела, ниту ќе штити. Од ова што го кажувате освен бомбастичното кажување од ваша страна не видов нешто што е направено незаконски и каде е згрешено“, рече Груевски.
извор:„Макфакс“