Зад одлуката за прогласување на две паркинг места на Кеј Македонија за паркинг во хуманитарни цели, што на последната седница ја усвои мнозинството предводено од ВМРО ДПМНЕ, всушност се крие покачувањето на надоместокот на услугите за користење на паркинг простор, обвинуваат охридските социјалдемократи.
Со одлуката која ја усвои ВМРО ДМПНЕ речиси цел Булевар Македонски Просветители влегува во премиум паркинг зона и надоместокот за паркинг услуга во летото ќе биде 100 ден наместо досегашните 60 ден, а дел од ул. Партизанска и тоа од пресекот на Булевар Македонски Просветители со ул. Партизанска до пресекот на ул. Партизанска со новопроектираната улица кај стара Автобуска станица влегува во Зона А и надоместокот за паркинг зона во лето ќе изнесува 40,оо денари наместо досегашните 30,оо денари. – велат од СДСМ.

И додека изминатите години намалувавме цени за паркинг простор на барање на угостителите, сега на еден суптилен начин се донесе одлука со која истите се зголемувааат, што секако е неприфатливо. СДСМ нема да прифати ваква одлука посебно не во услови кога се прошири опсегот на работа на ЈП Билјанини Извори, кое на стопанисување доби нови простори за оформување на паркинг простор. – стои во реакцијата.

Само на овој начин хуманитарните паркинг места ќе ја постигнат својата цел, јавното претпријатие ќе покаже дека навистина има сериозна намера дел од средствата од граѓаните да ги донира за хумани цели, а за граѓаните дополнителен мотив да ги одберат баш тие места за паркирање на своите возила. Секое поинакво постапување е веќе познатото популистичко делување на ВМРО ДПМНЕ со кое со наводен хуманитарен паркинг го кријат поскапувањето на цените за да го амортизираат револтот на граѓаните. – се вели во партиската реакција.
На обвинувањата на СДСМ стигна реакција од локалната самоуправа во која се изразува незадоволство од односот кон, како што се вели, проекти кои имаат хуман карактер.
Фрапирани сме од нивната критика која ја упатуваат на сметка од проектот кој е од хуманитарен карактер и има за цел да се излезе во пресрет онаму и кај оние сограѓани на кои тоа ќе им биде најпотребно. Незамисливо е за било кој, да не поддржи хуманитарна акција особено кога се однесува за негов сограѓанин. – стои во соопштението од локалната самопуправа во кое не се коментираат забелешките за поскапување на паркинзите во одредени зони на градот.
OhridNews











