Македонскиот крвен притисок некако неможам да го регулирам последниве години. Веќе ми е стемнато од таа СДСМ-зација и ВМРО-зација. Од таа претерана националистичка јас, јас, јас, ние, ние, ние, вие, вие, вие, оние, оние, оние. Мене лично ме плашат овие тунелски визи, овој страшен процес. Долго време имам непријатно чувство.

Во светот од СДСМОНИЈА или ВМРОДОНИЈА треба строго да пазиме да не дојде до следниве случки:

– Одиш со свое дете на болница. Итно е потребно да се направи тешка операција. А во докторската соба ќе има доктори со специални значки на костумите. Еден од ВМРО, другиот од СДСМ, ДУИ… Што ќе одлучиш? А можеби и да има во тој момент само доктор со значка од партијата што не ти одговара. Партија која ја мразиш, што апсолутно “немојш да ја поднесиш“ . Партија која е крива за времето, за ѓубрето в езеро, за поплави, за хаосот со паркинг, за оскапениот бензин, за песната што ќе ја претставува Македонија на Евровизија, за сите други ненадејни природни непогоди. Ајде тогаш тешка, животна дилема. Што ќе правиш во тие три-борба-за-живот-секунди? Со кој доктор ќе се сложиш?

– Оди едно мало девојче да купи сладолед. Старец во бел мантил ја прашува: “девојче сакаш сино топче или црвено?” Таа: “чичко, имате и бели топчиња?”

– Замисли да има во градот само сини и црвени такси. Ќе се јавиш до централа: “една кола ако може до Велгошти, кај школоно”. Извинете господине, ама таму ние не одиме, јавете се кај другите. Или одете 300 метри кон супермаркетот. Таму кај светилникот, кај ќошот застануваме ние.

– Да има попови само што венчаваат, крштеваат и ги осветуваат гробовите на луѓе од својата партија.

– Во продавници да може и да се плати со партиска “андрграунд валута“. Екстра луксузи за својте припадници…

– Временска прогноза на вести. Водителката: “Според политичките партии утре ќе е сончево, врнежливо, привремено нестабилно. Исто како секојдневниот живот во Македонија“. 
                                                                     
– Да има само леб од ВМРОвска пекара или леб од СДСМ-пекара. И многу важно е, пред да се плати лебот, од која партија е возачот што го донесе лебот!

– Утре не дај Боже можеби ќе падне од силно невреме гром во некое дрво на Галичица. Дрвото ќе се скрши и случајно ќе мавне во една бандера од струја, за три секунди ќе има мал пожар од тој удар. Пламенот ќе се зголеми до огромен неконтролиран пожар. Ќе се рашири до село Трпејца. Паники, трагедии. Кој е крив сега? Кој пратеник, советник?

Што и да се случи во Охрид, во Македонија. На секоја ситница роботските, испрограмирани пропаганда – печатари работат нон-стоп. Сите политички партии се премногу зафатени со себе, со својот маркетиншки и исцениран изглед и презентација во јавноста, а не со генералните народни проблеми. Исто како една женска што се шминка со часови пред огледало за да излезе со “сликовна“, вештацка фаца. Да, тајната и силата на демократија е да има несогласувања, да има простор за разни мисли, да има и почитување на други различни идеи. Со цел пак (иако има неслога) да се направи нешто. Да се фати некој правец. Подобро нешто од како ништо. Ама во нашата најмила Македонија, без разлика во кој град, во која населба, улица, или село, школо, факултети, фирма, општини, болници, организации, клубови, државни институци, полиција, секаде, се е издоктририрано, заразено со СДСМ-зација и ВМРО-зација. Можеби ќе има и идеја да се смени Македонската азбука. И да почнува вака: СДСМВМРОДУИ…..Страшна работа. Од која страна и да гледаш.

Поздрав од редовен читател на Ohridnews

Влатко де Вриеж