“На крајот сме од еден процес, кој, во недела, со изразената политичка волја на охриѓани и жителите на околните места, ќе го донесе новиот Совет на општина Охрид”, рече на денешната завршна прес-конференција, пред изборниот молк, Веле Митаноски, потпретседател на СДУ и носител на Советничка листа.
“Според сите очекувања, кажа Митаноски, одговорот на прашањето: Кој ќе биде новиот градоначалник, ќе го чекаме уште две недели”.

Веле Митаноски
Според оценката на Веле Митаноски, изборната кампања, во Охрид, минала релативно мирно, со повремени жестоки дуели на двете партии (ВМРО ДПМНЕ, односно СДСМ) и претенденти за градоначалничката функција.
“Кај дел од другите учесници, имаше доста предизборна лага, нереални ветувања, Интернет-проекти, обвинувања кон другите, за она што токму самите го прават, на пример, енормното трошење финасиски средства”, вели Митаноски. Но, додава тој, сега на потег се граѓаните, сето тоа да го проценат, наградат или казнат.
“СДУ и јас самиот, продолжи Митаноски, во кампањата влеговме со многу искреност, чесен однос кон граѓаните, желба да се претставиме реално и одговорно кон обврските. Задоволони сме од изодениот пат, од контактите што ги остваривме, од приемот, од пораките што ги добивме – како предлози и мислења на граѓаните”.
Според Веле Митаноски, СДУ и тој самиот, оставиле печат на оваа кампања, пред се, со скромноста (по обем) во медиумската презентација, но и со еден нов квалитет, современ пристап, користењето на интернет-комуникацијата…
На крајот Веле Митаноски, до граѓаните на Охрид, ја упати следната завршна порака:
“После се, сите ние, како охриѓани, како уставни граѓани, во недела да излеземе масовно на изборите. Секој граганин, самиот да го искористи својот глас, да не дозволи друг да го стори тоа во негово име. Од изборниот ден, во недела, да направиме празник. По изборите, ни престои најголемиот христијански празник – Велигден, мојот именден, денот што во мојот дом, е празник и за христијаните и за муслиманите. Граѓаните да избираат слободно, без притисоци, да се определат за луѓе, во кои веруваат дека најубаво ќе ги презентираат нивните интереси во Советот. СДУ и мене лично, Веле Митаноски, како носител на Советничка листа, ќе не најдат на бројот 9, кој е победнички и гарантира успешен Совет, поубав и ДОСТОИНСТВЕН Охрид. Ги поздравувам моите сограѓани и верувам во нив”, рече на денешната прес конференција Веле Митаноски, носител на Советничка листа и потпретседател на СДУ.

Марко Спасески
Претседателот на ОО на СДУ Марко Спасески, рече дека Партијата, и како програма и како име (бренд) е прифатена од јавноста.
“Согласно нашето изборно лого: “За достоинството на Охрид”, инициравме потпишување на Декларација за фер избори и организиравме една граганска дебата, за тоа каков Совет им треба на граганите на Охрид”, вели Спасески и додава:
“Граѓаните со симпатии го прифатија тој приод, одржавме добро посетени собири во повеќе градски и приградски средини. Слушавме и не слушаа, бевме во комуникации. Ние сме презадоволни, верувам и граѓаните” , потенцираше Марко Спасески.











