Центарот за наркозависници во Охрид кој функционира во непосредна близина на Центарот за социјална работа и детската градинка „Развигорче“ ќе биде префрлен на друга локација откако ќе се изнајде алтернативен простор за таа намена.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов при својата последна посета на Охрид изјави дека заедно со надлежните во охридската локална самоуправа работат на изнаоѓање решение за дислокација на овој центар.
-Јас и во посетата на Центарот за социјални работи разговарав и со граѓаните кои живеат тука и бараме соодветен простор кој мора да биде во државна или во општинска сопственост. Се надеваме дека во следниот период ќе најдеме соодветен простор и ќе биде извршена дислокација. Треба да бидеме сите свесни дека и тие луѓе имаат потреба и поддршка во овој Центар и од страна на државните институции и од страна на сите граѓани, но во секој случај бараме простор кој би бил на располагање за овие потреби, рече министерот Спасов.
Жителите кои живат во непосредна близина на Центарот за нарозависници, неколку години наназад бараат од надлежните овој центар да се премести во друг дел од градот. Инаку оваа социјална установа е отворена пред десетина години, а во рамки на програмата за ресоцијализација се опфатени зависници од Охрид, Струга и Кичево.
OhridNews












