Потребно е да заострат условите за инвеститорите кои добиле земјиште за изградба на одредени содржини во туристичките развојни зони смета опозцијата. Таа покрена иницијатива за измени во Законот за туристички развојни зони, со образложение дека четири години по донесувањето тој не профункционирал.
На седницата на ресорната собраниска комисија, опозицијата обвини дека во ниту една од деветте зони не е изграден објект, иако цената на земјиштето е едно евро за метар квадратен. Според неа законот бил наменски донесен за ветените инвестиции на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој во Охридскиот регион, а не заживеал бидејки општините немаат финансии да ја изградат потребна инфраструктура, пренесува „Телма“.
-Избрани инвеститори ги добиваат поволностите, ги користат широките рокови за непочитување на договореното без да направат минимална инвестиција. – изјави пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ.
-Нелогично е да купи земјиште, да добие дозвола за градба и 6 години да не почне да гради, а тоа да го толерира државата.- додава пратеникот Марјанчо Николов СДСМ.
Со измените на законот, опозицијата бара заострување на условите и обврските на инвеститорите кои добиле дозволи и државна помош, а не почнале со градба, и потсетија на евтино купени парцели околу Охридското Езеро и покрај кејот на Вардар.
За да не се сведе законот само на можност за купување градежно земјиште по багателни цени а потоа негово препродавање, со измените се предлага скратување на роковите за вадење на греадежна дозвола и на рокот за почнување со градба, подолг рок за одржување на инвестициите и повисоки казни ако инвеститорит не го почитува договорот.
OhridNews
извор: „Телма“