Правото на потекло е основно човеково право, а сегашното законско решение ги принудува посвоените да живеат во лага и системска тајност, велат од Здружението за заштита, помош и унапредување на статусот на маргинализираните групи граѓани „Градиме иднина“ од Скопје кои започнуваат нов проект „И ти имаш право да ги знаеш биолошките родители“.Главното барање е насочено кон укинување или суштинско менување на член 123-а, кој ги чува податоците за биолошкото потекло како државна тајна уште од неговото донесување пред 25 години. ​Покрај тоа, се бараат измени и на членовите 104 и 111 од Законот за семејство. Целта е да сопре практиката на целосно бришење на првичниот идентитет (име, презиме, датум на раѓање) при посвојувањето, со цел во сите матични документи да останат наведени и податоците за биолошките родители.

​По одржаната работна средба во Министерството за труд и социјална политика од кабинетот на министерот на претставниците на Здружението им било ветено формирање на работна комисија. Таа ќе има за задача да разгледа пакетот измени на Законот за семејство и соодветните акти. ​

Од Здружението потенцираат дека Уставот на Република Македонија гарантира непречкливост на идентитетот, а правото на познавање на сопствените родители е загарантирано и со Член 7 од Европската конвенција за човекови права во Стразбур.

​Вчера имавме работна средба со Министерството за труд и социјала, од кабинетот на министерот ветија дека ќе формираат комисија за промена на овој закон и на други закони. Од Уставот на Република Македонија неколку членови кои ги читавме оспоруваат и не ни дозволуваат да го имаме нашето право. Ќе се бориме за сите наши права, многу членови и закони ќе бараме да се дополнуваат и да се изменат, и 123-а, кој е донесен пред 25 години, ќе бараме да не постои. Нема да дозволиме со член 111 и член 104 од Законот за семејство при посвојување целиот идентитет да се брише, вели Илија Јовановиќ, претседател на Здружението.

Тој посочи дека дел од посвоените со години живеат без сознанија за своето потекло, а преку социјалните мрежи ги бараат биолошките родители, браќата, сестрите и другите роднини.

Ние немаме никакво право во Република Македонија да ги дознаеме и да ја отвориме документацијата за нашите биолошки родители кои се. Тоа сите нас нè засега и нè загрижува. Ние ги бараме нашите права и ја замолувам Република Македонија, и ќе бараме, имаме поддршка и од Стразбур. Македонија има право да ги отвори книгите за секој кој е посвоен и кој е згрижен во групен дом, во згрижувачко семејство како деца без родителска грижа, без родители. Тие треба да знаат кои се нивните вистински биолошки родители според член 7 од Конвенцијата за човекови права во Стразбур. Апелирам сите посвоени, сите посвоители да се вклучат во овој проект, да го поддржат. Во Охрид имаме 10 до 15 семејства кои се трагаат преку социјалните мрежи, вели Јовановиќ.

​Според истражувањата на Здружението, целата документација за сите постапки за посвојување од минатото не се наоѓа распрскана по локалните центри за социјална работа, туку се чува во Државниот архив на Република Македонија во Скопје. Најавуваат и формирање на посебна асоцијација која ќе им помага на сите посвоени лица, но и ќе ги истражува случаите со исчезнати бебиња и новороденчиња кои во минатото лажно биле евидентирани како починати.

Бебешката афера на просторот на поранешна Југославија беше отворена во Србија во 2002 година, а Македонија веднаш донесе противзаконски акт за да ги спречи истрагите, вели Радиша Павловиќ, претседател на Државната комисија во Србија за истражување на случаите на пријавени исчезнати деца.

Огромен број деца се грабнати на просторот на поранешна Југославија, за што имаме и податоци. Потребана е  регионална соработка за решавање на случаите од земјите на поранешна Југославија. Три здруженија од три држави имаме единствена можност да се здружиме сите на просторот на поранешна Југославија, бидејќи без заедничка соработка нема помош. Не може случајот да се реши само во Македонија.

Воедно потенцираше дека се единствени на овие простори што успеале да ја поместат оваа афера и единствени решиле и докажале судски грабнување на дете.

Комплетната судска постапка е завршена, докажана е грабнувањето од родилиштето во општата болница во Крушевац. На мајката ѝ било кажано дека детето умрело. Решениот случај во Србија ги отвора вратите за сите на просторот на поранешна Југославија. Имајќи предвид дека сите живеевме заедно на овој простор, мора да направиме механизам за да можат и родителите и децата да дојдат до својата вистина. Колку и да е таа вистина болна, таа носи огромна болка и за родителите и за нивните деца, истакна Павловиќ.

Сродните организации од Србија, Македонија и Словенија најавија проширување на соработката со претставници од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и други земји од регионот, со цел да им се помогне на родителите и на посвоените деца да дојдат до својата вистина.

Инаку, бројката која беше посочена на лица кои бараат и се барани на територијата на државите од поранешна Југославија достигнува 90 000.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска