Се уште се подготвува неопходната документација за реконструкција на Малото пристаниште, која според најавите ќе биде реализирана преку Јавно приватно партнерство. Иако се обидовме да добиеме повеќе информации и детали во врска со реализацијата на овој проект од надлежните служби при општина Охрид добивме само краток одговор.

-Реконструкцијата на малото пристаниште е во фаза на подготовување на неопходната документација. Изработена е Физибилити студија која е одобрена од Советот на општина Охрид. По комплетирање на неопходната документација ќе биде објавен повик за Јавно приватно партнерство, не информираа деновиве од општина Охрид.

Предлог одлуката за започнување на постапка за доделување на договор за јавно приватно партнерство за изградба и управување на малото пристаниште преку изградба на марина и туристичко угостителски објект беше усвоена од страна на Советот на општина Охрид во месец октомври 2015 година.

Согласно студијата овој дел ќе биде уреден и што е најважно пристаништето ќе биде безбедно за сите посетители. Ќе има можност идниот партнер да изгради модерен и луксузен ресторан кој ќе може охриѓани и гостите да го користат, а како јавна добивка ќе биде новата плажа која ќе никне на тој дел и ќе може слободно и бесплатно да се користи, изјави во истата прилика Димитар Спасески, секретар на општина Охрид. Тој тогаш објасни дека согласно избраниот модел, партнерот ќе може да стопанисува со просторот во период од 20 години за кога е одредена најниска закупнина, а приватниот партнер ќе вложи во изградба на инсталациите, платформа на која ќе има плажа, ресторан. Партнерот ќе има обврска на општина Охрид да и плаќа надоместок, кој не може да е помал од 10% од вкупниот приход кој ќе го остварува.

Претходно, во текот на месец април 2015 година, градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески изјави дека доколку има заинтересирани на огласот кој ќе биде објавен по изработката на Физибилити студијата, изградбата на малото пристаниште ќе започне по завршувањето на летната туристичка сезона (2015 година).

Знаете дека уредувањето ќе се врши по пат на јавно- приватно партнерство или концесионерство, зависно од тоа што ќе покаже студијата, по што ќе се пристапи кон објава на оглас на кој ќе можат да се пријават заинтересираните за изградба на објектот. Тоа ќе биде едно современо, модерно решение кое во изминатата година неколку пати го прикажавме во јавноста. На граѓаните и заинтересираните кои сакаат кејот да го видат уреден им се допадна и се надеваме дека до другата година ќе биде завршена изградбата, изјави тогаш Бакрачески.

Идејата за рeконструкција на малото пристаниште беше промовирана во месец октомври 2014 година, кога општина Охрид објави Oглас за пројавување интерес за воспоставување на јавно приватно партнерство за изградба и користење на малото пристаниште, а беа објавени и слики за тоа како во иднина би изгледало истото.

-Целта на преземањето на вакви активности е да се добие современ, репрезентатитвен и функционален дел на градот со кој ќе се допринесе за разубавување на истиот  и збогатување на туристичката понуда. Во услови на ограничени финансиски можности општината има идеја малото пристаниште да се уреди по пат на јавно приватно партнерство, според кое на приватен инвеститор би му се доделила целосната изградба на малото пристаниште, а за возврат би му се доделило на одредено време користење на дел од истото за отворање на угостителска дејност. Согласно идејното решение малото пристниште покрај основната намена, на поголемиот дел од истотот би се изградил и современ туристичко угостителски објект, пишуваше во објавениот оглас.

Инаку Малото пристаниште веќе долги години се наоѓа во лоша состојба и претставува неугледен простор на охриѓани и туристите кои секојдневно го посетуваат Охрид.

Е.М