Ловиштето „Велешта“ кое е лоцирано во струшкиот ловен реон ќе бидe дадено под концесија на 10 години. Според јавниот повик кој го објави Министерството за земјоделство се работи за ловно подрачје наменето за излов на ситен дивеч. Освен во Струга, со овој јавен повик се даваат на концесија уште 11 ловишта во ловните реони во Македонски Брод, Прилеп, Делчево и Кочани.

Право за учество на повикот имаат сите домашни правни лица и сите странски правни лица кои имаат регистрирано подружница во Република Македонија, согласно Законот за трговските друштва, кои ги исполнуваат условите од повикот и ќе подигнат тендерска документација и ќе поднесат понуда. Рокот за поднесување на понудите е до 20 јануари 2015 година, кога ќе следува и нивното јавно отворање.

Во тендерската документација се содржани податоци за ловиштата, времетраењето на концесијата, површината на ловиштата, износот на минималниот концесиски надоместок и останатите услови и критериуми кои треба да се исполнат.

Концесискиот надоместок за малите ловишта ќе се плаќа на 10 еднакви годишни рати, а за поголемите ловишта на 20 еднакви годишни рати, при што ратата за секоја година треба да се уплати до 30 јуни во тековната година.

OhridNews