Неповратни средства во износ од околу 3.000 евра во опрема и репроматеријали, како и обуки за реализирање на бизнис идеја, се нудат во рамки на огласот за самовработување, кој трае до 25-ти мај 2014 година.

Од подрачната единица на Агенцијата за вработување во Охрид велат дека на огласот можат да се пријават сите евидентирани невработени лица како активни баратели на работа, кои своето вработување сакаат да го решат со финансиска поддршка преку оваа мерка за самовработување.

-Финансиската поддршка од оваа мерка опфаќа обезбедување на експертска поддршка во форма на обука за развивање на бизнис идеја, маркетинг план и осознавање на претприемништвото, финансиска и советодавна поддршка за регистрација на фирма, финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема или репроматеријали во висина од 185.000 денари, појаснуваат одговорните за Програмата за самовработување од Центарот за вработување од Охрид.

Тие нагласуваат дека оваа година најдобрите 50 бизнис планови на ниво на Република Македонија ќе добијат и дополнителни 1.500 евра за уште едно вработување во фирмата.

Покрај оваа мерка, на 25-мај 2014 година истекува и огласот за Програмата за финансиска поддршка на микро и мали претпријатија и занаетчии кои сакаат да го прошират и развијат сопствениот бизнис, со  отворање на нови работни места.

Оваа програма за поддршка се однесува на микро и мали претпријатија и на занаетчии кои се регистрирани најмалку 1 година сметано до денот на објавување на јавниот повик, кои на денот на пријавувањето не се во стечајна постапка и ликвидација и ги имаат измирено сите обврски по основа на даноци и придонеси. Исто така препријатијата кои ќе конкурираат на овој оглас мора да имаат остварено добивка во текот на 2013 година.

-Финансиската поддршка по едно ново отворено работно место, односно најмногу до 5 ново отворени работни места по фирма, опфаќа исплата на неповратни средства за набавка на опрема или материјали во висина од 92.000 денари, за секое ново отворено работно место. Работодавачот или занаетчијата кои ќе добијат средства од оваа програма, се обврзани ново вработените лица да  ги задржат во работен однос со полно работно време, најмалку 1 година од денот на вработувањето, појаснуваат од Центарот за вработување од Охрид.

Во периодот од 2010 до 2013 година, вкупно 215 мали претпријатија во Македонија како корисници на средства од оваа програма вработиле 327 невработени лица и добиле неповратна финансиска поддршка во износ од над 30 милиони денари или околу 668.533 американски долари.

Е.М