Општина Охрид во рамките на годишната програма за заштита на животната средина и природата го реализираше проектот „Заштита и уредување на локалитетот Дувало-Сулфатара во Косел и негова промоција“.
Со цел промоција на локалитетот како и заради подигање на јавната свест за зачувување на оваа природна реткост изработени се и промотивни флаери.
Вулканот во близина на с. Косел е сулфатара која претставува заспан вулкан кој сеуште емитира сулфурни гасови.
„Дувало“ е единствена појава на Балканот која претставува активна поствулканска појава што е јасен доказ за постоење на некогашната вулканска активност, на која, ова и е последен знак на одумирање. На овој простор има неколку мали кратери со пречник од 0,5м и длабочина од 30 см. Вулканот истовремено претставува сулфатара (пукнатина од која избива гас сулфоводород) и мофета (пукнатина од која избива гас јаглендиоксид) од кои се добива карактеристичниот мирис на расипано јајце. Последниот податок што постои за топлата вода која постоела на локацијата од вулканот датира од 1973 година кога при геолошки испитувања откриена е топла вода на длабочина од 80 до 100 м со околу 30 Целзиусови степени.
Лековитоста на водата и калта од вулканот се познати уште одамна. Луѓето барајќи спас најчесто од кожни болести, сулфурот го мешале со глина и го мачкале по болните делови од телото.