Градежните активности за изградба на Регионалниот колектор за одведување на отпадни води за селата Мешеишта, Климештани, Волино, Требеништа и Горенци, се одвиваат според предвидената динамика, информираат од локалната самоуправа на општина Дебрца. Изградени се 7,5 км цевковод, од вкупно 8,5 км предвидени за реализација, согласно проектната документација.

Изградбата на колекторскиот систем е проект на Општина Дебрца во соработка со Министерството за транспорт и врски преку проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“ со грант обезбеден од Европската Инвестициона Банка. Инвестицијата е во вредност од 13.706.061 денари.

Регионалниот колектор за одведување на отпадни води предвидува изградба на цевковод од полиетиленски цевки Ф-400 мм и Ф-300 мм со должина од 8,5 км со вкупно 200 бетонски шахти, проектиран во согласност со сите стандарди, со кој ќе се овозможи приклучување на сите населени места низ кој што поминува трасата на Регионалниот колектор, односно ќе се овозможи поврзување на канализационите мрежи од Мешеишта, Климештани, Волино, Требеништа и Горенци.

Градоначалникот Игор Трајкоски изврши посета на локацијата кад есе гради и нагласи дека Фекалната канализациона мрежа во Мешеишта е веќе изградена, а во исто време со изградбата на Регионалниот колектор на терен се одвива и изградбата на Фекалната канализациона мрежа во Горенци, која ќе биде изградена со завршувањето на Регионалниот колектор и ќе се овозможи поврзување на населението од овие населени места со фекалната канализација, со што ќе се спречи собирањето на отпадните води во септички јами и ќе се намали загадувањето на подземните води и уништувањето на животната средина.

OhridNews