Како што денес информираа од владата, на огласот за ангажирање на лица на повеќе раководни места, што заврши на 31- ви мај, се пријавиле над 2000 граѓани. Најголемиот број од нив ги поседуваат потребните перформанси, стручност на високо ниво, образовно ниво на повисок степен, како и додатни референци.
Со владиниот оглас за ангажирање на лица на раководни позиции, беа опфатени и менаџерските позиции во здравствените установи во Охрид- ЈЗУ Здравствен дом, Општа болница, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо и Центарот за јавно здравје-Охрид, како и ЈЗУ Здравствен дом Струга и струшката Општа болница.
Огласот се однесуваше и на раководните позиции во КПУ Затвор Охрид, Казнено поправниот дом од отворен вид Струга, како и за НУ Музеј „ д- р Никола Незлобински“ Струга.
Сите кандидати кои се актуелни раководни лица на позициите кои беа објавени во огласот чиј мандат истекува во 2013 година, како и раководни лица со истечен мандат или в.д. раководни лица на позициите, имаа право и можност повторно да се пријават за позициите кои досега ги извршуваат. Истите лица имаат можност повторно да бидат избрани од страна на Владата на РМ врз основа на условите објавени во огласот. Од Владата потенцираат дека тоа се смета како можност, но не и како обврска.
Од кандидатите се бараше да имаат повеќегодишно искуство и соодветно образование, да ги поддржуваат политиките на Владата на РМ во областа за која се пријавуваат, да ги исполнуваат законските услови за позицијата,а задолжително е и познавањето на англискиот јазик.