Започнаа подготовките за Охридскиот пливачки маратон, кој годинава ќе се одржи на 23 август во рамки на светската серија на ФИНА.

По тој повод, денеска во општина Охрид се одржа подготвителен состанок на претставници на локалната самоуправа и спортски работници од Пливачката федерација на Македонија, Пливачкиот клуб од Охрид, како и одговорни лица од повеќе сектори.

Како што е најавено, локалната самоуправа оваа година ќе земе поактивна улога во организацијата на овој еминентен спортски настан, на кој се очекува повторно да настапи светската пливчака елита.

Од општина Охрид  информираат дека се утврдува финансиската конструкција за годинешниот пливачки маратон, а наградниот фонд ќе биде одреден дополнително откако ќе се остварат разговори со потенцијалните спонзори.

Како новина оваа година се најавува ангажирањето на ПР агенција, која овој спортски настан ќе го прмовира надвор од Охрид, а на денот на одржување на настанот, поточно при финишот на маратонците во центарот на Охрид ќе има денски огномет со чадни реквизити.

Еден ден пред пливачкиот маратон, предвидено е да се одржи голем музички спектакл од забавен карактер, во чии рамки пред јавноста ќе се презентираат годинешните учесници на овој спортски настан.

OhridNews