Собранието на Република Македонија вчера ги усвои законските измени за субвенциониран станбен кредит, со кои се намалуваат каматните стапки за становите купени во проектот „Купи куќа – купи стан“, пишува весникот „Дневник“.

Кај моделот во кој се субвенционира месечната рата за кредит, каматната стапка од 4,99 проценти се намалува на 3,95 проценти за првите три години од отплатата на кредитот и од 5,5 проценти на 4,44 проценти за четвртата и петата година.

Кај вториот модел субвенционирање на дел од учеството, според кој Владата плаќа 50 проценти од учеството потребно за добивање кредит за стан, односно 75 проценти за куќа, каматната стапка ќе биде шестмесечна, плус 4,5 проценти поени за сето времено траење за исплатата на кредитот.

Владата очекува на овој начин да се зголеми интересот за искористување на субвенционираните кредити. Според податоците на Министерството за финансии, од почетокот на реализација на проектот „Купи куќа – купи стан“ до  јули годинава донесени се 307 одлуки за субвенциониран станбен кредит. Од нив, 238 се за моделот субвенции на ануитет, а останатите за субвенционирање на учество. Вкупно 263 апликации се за купување стан, а 44 се субвенции за изградба на куќа.

OhridNews