Деновиве постепено се намалува бројот на новозаразени со Ковид-19, иако бројот на направени тестирања е помал во однос на претходните денови. Завчера од 378 тестирања беа регистрирани 46 нови случаи, а вчера од 1525 тестови – 237 новозаболени. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, бројот на оздравени пациенти е речиси двојно поголем од оној на новозаболени. Во моментов во земјава се регистрираат 18 565 активни случаи.
Вкупно 911 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава и има околу 400 празни болнички кревети во ковид центрите. На инфективните одделенија во главниот град се лекуваат вкупно 374 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.

Премиерот Зоран Заев во интервјуто за МИА најави дека првите количини од „Фајзер“ вакцината во нашата земја ќе пристигнат во февруари, а согласно планот за дистрибуција останатите се очекуваат во првите месеци од 2021.
Преку Ковакс механизмот се набавени 833 илјади вакцини за популација од околу 400 илјади граѓани за вакцина и ревакцинација. Нашата земја аплицирала за дополнителни 800 илјади дози преку Европската Унија која е во постапка за набавка на 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата.
Започнат е и процесот на планирање и подготовка на тренингот за вакцинирање согласно спецификите на вакцините за Ковид-19. Сите здравствени работници кои ќе бидат задолжени за аплицирање на вакцината се вклучени во обуката со поддршка на Светската здравствена организација и УНИЦЕФ.
Се набавуваат и фрижидери за секој тип вакцини и за сите температури.
OhridNews











