Воспоставување на протокол за третман на пациентите, терапија со интравенска тромболиза, едукација на медицинскиот персонал, но и подигнување на јавната свест, се клучни во справувањето со мозочните удари. За жал, во Охрид се уште не е воспоставен протокол, а терапијата е ограничена. Загрижува и податокот дека се намалува возрасната граница кај пациентите, во некои случаи и под 40 години. Ова беше потенцирано од страна на стручната фела на одржаната работилца за мозочен удар во организација на Здружението на лекари Охрид.

Според извештајот од Глобалното истражување на болести Македонија од 204 земји е на прво место по стапката на морталитет од мозочен удар, инциденца (новонастанати удари) и стапка на години изгубени на здрав живот, истакна д-р Маја Божиновска Смическа, специјалист невролог во Специјална болница за ортопедија и трауматологија “Св. Еразмо” и претседател на Здружението за борба против мозочен удар.

Мозочниот удар кај нас е голем товар на целото општество, не само економски, туку и социјален проблем, а најголем проблем на семејствата кои мораат дополнително да се ангажираат околу овие пацинети. Тоа што треба да го направиме е да се организираме на повеќе нивоа, да ја подобриме примарната превенција со активности за јавноста да се запознаеа со ризик факторите на мозочниот удар, но и со знаците на мозочен удар, бидејќи клучно е брзо да се реагира со цел третмант да е подобар. Значи од една страна превентиви кампањи, од друга страна да ја воспоставиме патеката по која би се носеле пацинетите со мозочен удар, почнувајќи од повикот на Итна медицинска помош, нивната активност, да ги едуцираме лекарите од Итната медицинска помош како да постапат во вакави слуачи, да активираат протокол за мозочен удар кој ќе значи итност и со таков протокол да воспостават веднаш контакт со болницата со цел пациентот да е пренесен до најблискиот центар каде би се лечел.

Потоа, додава Божиновска Смическа, треба се едуцираат и лекарите од центрите за мозочен удар за протоколите на третман на овие пациенти со една цел во иднина да се сертифицираат нашите центри според европските критериуми за центри за мозочен удар и да се вклучат центрите во различни регистри со кои би се евалуирала состојбата и третманот на овие пациенти.

За жал, ние во Охрид и покрај долгите обиди кои сме ги правеле досега се уште немаме воспоставен протокол за третман на овие пациенти. Прво е проблемот да го организираме транспортот на овие пациенти според одредени протоколи и со тој код на итност да се пренесе до Одделението за неврологија при Општата болница во Охрид. Втора цел ни е да ја подигнеме свеста меѓу медицинската популација, меѓу јавноста особено помеѓу тие кои ги носат одлуките со цел да се обезбеди достапност до интравенската тромболиза односно единствената терапија која е успешна кај овие пациенти. Оваа терапија кај акутните исхемични мозочни удари го разбива тромбот која ја спречува циркулацијата во мозокот. Таа терапија дава толку подобар резултат колку што порано се аплицира. Регионот на Југозападна Македонија е еден од малкуте останати региони во држвава кои досега немал услови да ја аплицира оваа терапија во Невролошко одделение.

Д-р Ксенија Мајсторовиќ, специјалист невролог, во Општа болница Охрид, посочува на ограниченоста на терапијата, но и напорите кои се прават истата да биде подостапна.

Ограничени сме со терапија. Во преговори сме со Фондот и менаџерскиот тим во Општата болница Охрид за терапијата да биде повеќе достапна. Се наметнува и потребата од доедукација на персоналот. Не само тромболизата, туку во светот има и посовремени тромбохтомии, што ја наметнува потребата од едукација на медицинскиот персонал за новите технологии кои се применуваат во лечење на мозочните исхемични удари.

Како најчести причини за мозочни удари, д-р Мајсторовиќ, ги посочува дијабетесот, обезноста и хипертензијата, но и генетските ризик фактори за кои исто така, вели, се ограничени во поглед на испитувањата кои се прават во Скопје.

Д-р Моника Петроски, невролог во Општа болница Охрид, докторант која работи на труд во однос на состојбата со пациенти со мозочен удар посочува дека состојбата во Охрид е далеку од задоволителна и дека се повеќе се зголемува бројот на пациенти со мозочен удар.

Загрижувачка е возраста на пациентите кај кои се јавува мозочниот удар. Најчесто се работи за млади пациенти, во некои случаи и помлади од 40 години. Во поглед на препознавање на симптомите за мозочен удар треба да се следат промени на лицето, говорот, слабост во рацете и треба да реагираме брзо да повикаме Итна медицинска помош или да се јавиме во најблиската болница. Битен е секој момент од настанување на симптомите до третманот. Во овој случај минутите значат здравје на мозокот, односно што побрзо се направи третман би се спасиле повеќе мозочни клетки, додава Петроски.

Инаку, податоците од Глобалното истражување на болести за 2021 година говорат дека највисока стапка на инциденца на исхемичен мозочен удар во светот, со 214,4 нови случаи на 100.000 лица се бележи во Република Северна Македонија, а земјава води и по стапката на смртност од мозочен удар, со 216,9 смртни случаи на 100.000 лица, како и по бројот на изгубени години на здрав живот.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска