Во Охрид започна обуката за околу 40 спасители на вода, која ќе трае до 22-ри јуни 2014 година. Од Охридскиот Црвен крст, кој е организатор на оваа обука велат дека во текот на претстојната туристичка сезона ќе бидат мобилизирани сите капацитети на „Центарот за спасување на вода“ и ќе се овозможи максимална безбедност на капачите во Охридското Езеро.

-Од 22-јуни започнува нова обука на нови техники на спасување, извлекување на давеници од чамец која ќе ја водат инструктори од опрецијата „Флоријан“ од Манчестер, Велика Британија, а во тие рамки ќе се одвива и обуката за прва помош која тие инструктори ќе ја даваат на територијалните противпожарни единици од Охрид и Струга, на припадниците на езерската и граничната полиција и секако на дел од спасителите и инструкторите на Црвениот крст Охрид, изјави Сашо Точков, претседател на охридскиот Црвен крст. 

Тој најави дека на 28-ми јуни 2014 година, во посета на Црвениот крст во Охрид ќе дојдат спасители од Црвениот крст од Бамберг, Германија.

-Со оваа организација имаме заеднички активности во делот на безбедност на вода и безбедност на планина и во делот на прва помош. Со нив и со сите субјекти кои се надлежни да делуваат во ситуации на несреќи во Охридското Езеро и на капалиштата, ќе имаме показна вежба што ќе се одвива на крајот од јуни, рече Точков.

Тој информираше дека со дел од концесионерите на капалиштата имаат потпишано договори и истите почнале со обезбедување на сите неопходни услови, кои се законски пропишани за обезбедување и обележување на капалиштата, а поголемиот дел се очекува тоа да го сторат на почетокот на јули.

Пред се мислам на обележување на плажите, поставувањето набљудувачници и секако на обележување и обезбедување на пунктовите за укажување прва помош и деловите каде што треба да интервенираат спасителите. Нашите служби и со опрема и со кадар се веќе подготвени. Спасителите се во полна кондиција и се подготвени да излезат во пресрет на сите барања на концесионерите, нагласи Точков.

Според него, Црвениот крст е единствена организација, што со закон е одредена да оспособува кадри за безбедност на вода и да организира безбедност на вода и спасување во туристичките региони.

OhridNews