Земјоделците од Охридскиот регион, до 31 мај 2010 година, ќе може да аплицираат за субвенции од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2010 година.  Од Работната единица на Агенцијата за подршка на земјоделството од Охрид, велат дека оваа година очекуваат многу поголем интерес од страна на земјоделците за користење на средствата за оваа програма, затоа што износот на субвенциите, е многу поголем од лани.

Според агрономите, за земјоделците од охридско, најпримамлива е субванцијата за подигање на нови лозови насади за кои се одобруваат по 140.000 денари и за подигање на нови овошни насади за кои субвенцијата изнесува 90.000 денари. Од средства на оваа програма по 40.000 денари се наменети за одржување на постоечки лозови, а по 18.000 денари за одржување на постоечки овошни насади. Висок износ од 20.000 денари по хектар, земјоделците може да добијат за засеани градинарски култури, а по 8000 денари ќе се доделуваат за еден хектар засеани  полјоделски култури.

-Основен критериум за аплицирање за средства од оваа програма е минималната засеана површина со овие култури. На пример за полјоделските култури се бара засена површина од најмалку 1.500 метри квадратни, за градинарските култури, лозовите и овошните насади потребна е  засеана површина од најмалку 1000 метри квадратни. –вели Билјана Ѓорческа, од Агенцијата за потикнување и развој на земјоделието, Работна единица, Охрид.

Таа наласува  дека покрај полјоделството, со оваа програма се субвенционира и сточарското производство. Износот на субвенциите во сточарството е различен и зависи од видот на животните.

-Најголема субвенција се дава одледување на говеда, односно по 2.500 денари за едно грло на говедо. За одгледување на овци, субвенцијата изнесува 900 денари по грло, а за одгледување кози 800 денари грло. За одледување на маторици се издвојуваат по 700 денари по грло.-вели  Ѓорческа, нагласувајќи дека во оваа катеорија, субвенции се одобруваат и за презимени пчелни семејства и одгледување на ноеви и полжави.

Потребните обрасци за аплицирање за програмата, земјоделците ќе може да ги пополнат во Агенцијата за подршка на земјоделството во Охрид, каде што ќе им бидат дадени сите информации и упаства за начинот на аплицирање. Потоа апликациите, заедно со потребната документација треба да се достават до Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Охрид.

Е.Е.