Туристи од Холандија, Белгија, Турција, Германија, Израел, Бугарија, Србија и од Далечно-источните земји ќе одмараат на охридската ривиера во текот на пролетните месеци.

Првата група на туристи од земјите на Бенелукс, кои годинава ќе престојуваат на охридското крајбрежје ќе пристигне на почетокот од месец мај. Од Здржението на хотелитери-ХОТАМ, информираат дека првиот чартер авион ќе слета на Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ на 3-ти мај и ќе биде на туроператорот „Corendon NL“, додека пак првиот чартер на туроператорот „TUI“ се очекува да пристигне на 13-ти мај.

Според најавите, од годинава туристички групи во македонските езерски центри, ќе започне да носи и белгискиот туроператор „Thomas Cook”, чиј прв чартер лет до Охрид е најавен за 20-ти јуни.

-Туроператорот „TUI“ има склучено договор со 30-тина хотели и помали сместувачки капацитети на Охридското Езеро, а туроператорот „Corendon NL“ има склучено договор со 10 хотели и вили. Туроператорот „Thomas Cook” за својата прва година од соработката со Македонија склучи договор со 12 хотели и помали сместувачки капацитети и според најавите, освен туристи од Белгија планира да носи и туристи од Германија. Процесот на продавање на аранжманите преку овие три туроператори започна пред еден месец. Засега има голем интерес и се надеваме дека истиот ќе продолжи и во текот на наредните месеци, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

Тој истакна дека според очекувањата на хотелските работници годинава ќе имаме поголем број на холандски и белгиски туристи за разлика од лани.

Освен традиционалните туристи од Бенелукс оваа пролет во Охрид се очекува да одмараат и голем број туристи од Израел и од Турција.

-Изралеските туристи во нашата земја беа присутни и лани, но за оваа година има поголем интерес. Неколку групи од оваа земја ќе престојуваат на охридското крајбрежје во пролетните, а останатите во есенските месеци. Туристите од Турција, чиј број во Македонија е значително зголемен во последните неколку години, во текот на пролетните месеци ќе доаѓаат во посета на Охрид во рамки на Кружните тури, при кои посетуваат и други македонски градови и туристички локалитети, вели Блажески.

Според ХОТАМ, Македонија веќе неколку години наназад е дел и од мапата на кружните Балкански тури од Далечно-источните земји, па и оваа пролет во Охрид се очекуваат голем број на туристи од Јужна Кореја и Кина. Според хотелиерите во текот месеците април и мај, Охрид и Струга ќе бидат посетени и од голем број туристички групи од Србија и Бугарија.

Е.М