Во Охрид годинава ќе има плодно туристичко лето. Ова се очекувањата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, која интензивно работи на промоција на нашите туристички потенцијали на странскиот пазар. Според најавите на тур-операторите, годинава ќе се бележи зголемување на бројот на странски туристи, во споредба со претходните години.

-Овие очекувања се во согласност со остварените активности предвидени во програмата за 2014 година, како што се учеството на интернационалните саеми за туризам, организирање на Инфо тури во Македонија за странски тур-оператори и новинари, континуираната медиумска кампања во соседните земји вклучително Шведска, Полска, Франција и Италија. Тука се и најавите на холандскиот тур-операторот Корендон дека бројот на букирани аранжмани е зголемен за 50% во однос на истиот период лани. Исто така зголемена побарувачка за околу 25% има и кај туроператорот ТУИ, велат од АППТ.

Од таму објаснуваат дека со цел да се поттикне надворешниот организиран туристички промет, тур-операторите и туристичките агенции и годинава ќе добиваат субвенции за престој на странски туристи во Република Македонија.

-Земајќи ги во предвид најавите за чартер летови и компаниите кои ја нудат Македонија како туристичка дестинација, обемот на субвенции за организиран странски туристички промет во однос на минатата година е двојно зголемен и за 2014 година планирани се 155.000.000 денари за овие субвенции, нагласуваат вработените во АППТ.

Тие појаснуваа дека до сега реализирале повеќе состаноци со Стопанските комори за туризам на Република Македонија, асоцијации, туристички агенции и тур-оператори со цел да се подобри туристичката понуда и да се создаде поконкурентен туристички производ.

E.M