
На овој датум во 1950 година се роди идејата за Европската, кога францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во Париз ја прочита декларацијата со која ги повика Франција, Германија и останатите европски земји да ги здружат своите производства на јаглен и челик како „прва конкретна основа за создавање на европска федерација“. Трговската заедница набрзо стана Европска заедница, а денес Европска унија во која членуваат 27 држави.
Македонија поради добро познатиот спор за името наметнат од нашиот јужен сосед се уште е земја кандидат и го очекува датумот за официјално отпочнување на преговори за членство во Унијата. Во меѓувреме земјата и со унијата започна дијалог на високо ниво, кој е замена за официјалните преговори и своевидна подготовка за нивно отпочнување.
Денот на Европа ќе биде одбележан и во Охрид. По тој повод во организација на Сојузот на борците од НОВ од Општина Охрид и Општина Дебарца, денеска во месноста Раштани во Дебрца ќе се одржи пригодна свеченост пред споменикот на паднатите борци во НОБ „Кременатец“. Поздравна реч ќе одржи Гоце Георгиески – претседател на Општинската организација на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941 – 1945 и на граѓани продолжувачи во општините Охрид и Дебарца, а на славното минато ќе се осврне Никола Стефаноски – потпретседател на организацијата. Учесниците потоа ќе маршираат до Белчишта каде ќе се одржи прием, а свеченоста ќе биде збогатена со културно уметничка програма.












