Во светот денеска се одбележува Меѓународниот ден на исчезнати деца, воведен во 1983 година во знак на сеќавање на децата кои се исчезнати и на тие кои се повторно вратени кај своите семејства. Целта е да се подигне свеста за овој глобален проблем.

Како што соопшти Првата детска амбасада „Меѓаши секоја година во светот исчезнуваат најмалку осум милиони деца годишно или 22 илјади дневно.

Исчезнувањето и киднапирањето деца прерасна во секојдневен проблем со кој се соочуваат сите земји и на кој треба да му се посвети особено внимание од страна на претставниците на законот и на владите ширум светот. За жал, многу земји овој проблем не го сметаат за приоритет и немаат развиено соодветни механизми за пронаоѓање на исчезнатите деца за кои постои висок ризик да бидат искористени за проституција, трговија со органи, питачење и други најтешки форми на злоупотреба на деца.“ – соопштуваат од „Меѓаши“.

Исто така, земјава се соочува со овој проблем. На официјалната интернет страна  на  македонското Министерството за внатрешни работи во моментов има објавено фотографии и податоци на четири деца кои се  водат како исчезнати.

Инаку, детската амбасада почна интензивни активности и подготовки за хармонизација и добивање на европскиот број 116000 за заштита на исчезнати и киднапирани деца.

OhridNews