Во манастирот Калишта, струшко, денеска започна Црковно народниот собор на кој се одбележува 45-годишнината од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.
Поздравна реч пред соборјаните од сите православни епархии на МПЦ во светот, одржа Архиепископот Охридски и Македонски, Г.Г. Стефан, кој истакна дека одлуката на светиот синод донесена во Охрид пред 45 години е историски настан, кој донел целосно духовно воскресение, настан што ја исправил двевековната неправда, настан – темелник врз кој се потпира современата историја на Црквата во Македонија и меѓу Македонците по светот.
-Денес, од временска дистанца од 45 години, можеме да речеме дека соборјаните донеле праведна – родољубива и богоугодна одлука, со која ѝ се врати достоинството на нашата древна Црква. Всушност, соборот одлучил, имајќи предвид дека времето се исполнило, покрај веќе националната да се возобнови и духовната слобода. И ако погледнеме што сè постигнавме за овие 4,5 децении ќе речам – постигнавме многу! Најголем дел од Македонците се под закрила на својата Света Црква; возобновивме стари и изградивме нови цркви и манастири, основавме потребни богословски просветни институции, издадовме Библија на современ македонски јазик и поголем дел богослужбени книги и друга црковна литература, се возобнови монаштвото, продолжува духовното надградување на нашиот народ…, рече Архиепископот Стефан.
Пред соборјаните се обрати и Владиката Кирил, потписник на историската одлука за возобновување на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.
-Тој настана од пред 45 години во црквата Св. Богородица во Охридна нашиот македонски народ беше уште еден чин за целосно национално и духовно издигнување, будење и обединување. Таа историска одлука објавена од архиепископот Доситеј, беше проследена со биење на камбаните во сите цркви во татковината и дијаспората. Со тој историски чин беше исправена историската неправда и се отстрани вековната обесправеност на македонскиот народ, рече Владиката Кирил.
Учесниците на Црковно народниот собор во Калишта, ги поздрави директорот на Агенциојата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска, која истакна дека чествувањето на 45-годишнината од возобновувањето на Охридската ариепископија во лицето на МПЦ, всушност претставува прослава на нашата духовна самостојност.
По свечениот дел, Црковно народниот собор, ќе продолжи со работа зад затворени врати. Според најавите ќе се дискутира за процесот на денационализација и враќање на имотот на црквата, како и на грижата за сакралните вредности и современите предизвици за Црквата.
Јубилејот ќе биде збогатен со хиротонија на новоизбраниот епископ Велички, архимандритот Јосиф Тодоровски. Чинот на наречението ќе се изврши попладне во црквата „Св.Пантелејмон и Климент“ на Плаошник, а хиротонијата, на Божествената литургија која ќе биде отслужена на 7 октомври, во катедралниот храм на Охридските архиепископи – „Света Софија“, во Охрид.
Во истиот храм, вечерва ќе биде приредена и Свечена академија посветена на јубилејот на која свое обраќање ќе има и претседателот на државата Ѓорге Иванов.