Плоштадот Св.Климент Охридски во Охрид денес пулсираше во духот на младоста и хуманоста, во боите на Црвениот крст.
На 48-от општински натпревар по прва помош, кој во организација на општинскиот Црвен крст денес се одржа во Охрид, учениците од основните и средните училишта од Охрид и Дебарца организирани во 9 екипи подмладок и 3 младина се натпреваруваа во укажување прва помош.
Повеќе од 70 млади на пет пунктови низ градот ги презентираа стекнатите знаења, вештини и техники за укажување прва помош. Најуспешна, во категоријата подмладок беше екипата на ОУ „Св. Климент Охридски“, а во категоријата младина првото место и правото на учество на Државниот натпревар по прва помош, го освои екипата на ОСУ „Кирил и Методиј“-медицинска паралелка.
За регуларноста на натпреварот и оценувањето на екипите се грижеа 20 судии (лекари, парамедици на Црвен крст Охрид), а за реалниот приказ на сценаријата и „повредите“ на пунктовите се погрижи тимот за реалистички приказ на повредите.
Во овој циклус на подготовка на учениците, со активно учество на менторите од секое училиште и волонтерите-тренери и инструктори по прва помош на Црвен крст Охрид, со најновите знаења, техники и вештини за укажување на прва помош се здобија повеќе од 200 млади лица.
Во едукативниот и забавниот дел од натпреварот младите ги покажаа своите знаења за движењето на Црвениот крст и танцовите способности.
OhridNews