Овозможување олеснет пристап до правото на гарантирана минимална помош за лицата/домаќинствата во време на вонредни околности – утврдено постоење кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди, има за цел Предлог-законот за дополнување на Законот за социјалната заштита кој во скратена постапка во второ читање беше поддржан од собраниската Комисија за труд и социјална политика.
Согласно динамиката на поднесени барања и траењето на пандемијата во наредниот период, се очекува да бидат опфатени околу 5000 нови домаќинства во 2021 година. Проценка е дека за наредната година ќе бидат потребни 619.140.000,00 денари за опфат на домаќинства во социјален ризик за време на пандемијата од Ковид-19.

Исто така, се дава и основа во услови на вонредни околности, право на гарантирана минимална помош да може да оствари домаќинство во кое член на домаќинството е избришан од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување или на кој работниот однос му престанал спогодбено, по негово барање или со отказ од работодавецот поради кршење на договорните обврски или други обврски од работниот однос, а се утврдува и дека во услови на вонредни околности, корисник на право на гарантирана минимална помош не е должен да се евидентира како невработено лице во надлежниот центар за вработување.

Ние всушност на овој начин интервенираме не само заради пандемијата на Ковид 19, туку трајно во законот за социјална заштита имаме можност во вонредни околности граѓаните кои се приматели на гарантирана минимална помош да може полесно да ги остварат своите права, но ако и во меѓувреме се довеле во ситуација според нивните примања во семејството и се веќе во ризичната група која треба да прими ваква помош, на полесен и пористапен начин да го направат тоа. Ова се овозможува со продолжување на рокот од 15 на 30 дена, но и со начинот на пријавување и незадолжување да се пријават оние кои останале без вработување во Агенцијата за вработување за да можат да бидат приматели на таа гарантирана помош, рече пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ.
Затоа, рече таа, се надевам дека сите пратеници од сите пратенички групи сме свесни дека ова треба да помине побрзо за да може граѓаните кои се затечени во оваа ситуација, а имаат потреба и може да остварат право на гарантирана минимална помош согласно овие дополненија да го остварат правото на полесен начин.

Според неа, треба да се размислува како овие лица и домаќинстава кои веќе добиваат гарантирана минимална помош, но и оние кои допрва ќе станат приматели, државата да ги врати повторно на пазарот на труд.
Оваа категорија лица не се инвалидни лица, туку се работоспособни граѓани. Затоа сметам дека Владата освен во ублажување и издвојување средства за оваа категорија мора да има план натаму како ќе ги извлече од овој систем на социјална заштита, да ги врати на пазарот на труд и да им најде работа. Мора да размислува за вложување во капитални проекти и отворање нови работни места, рече Петковска.
Ова дотолку повеќе што, како што посочи, лицата кои еднаш ќе влезат воситемот на социјална заштита тешко излегуваат од него.












