Заврши првата седница на меѓувладината комисија по Договорот за економска соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Бугарија, со која претседаваа министерот за економија Крешник Бектеши, во улога на домаќин, и неговиот бугарски колега  министерот за транспорт, ИТ и комуникации, Росен Жељазков.

Меѓу другото, двајцата министри по завршувањето на првата седница, информираа дека во делот на туризмот до април ќе биде формирана заедничка комисија, која треба да подготви двегодишен Акциски план, со цел дефинирање на активностите кои имаат потенцијал да ги зајаканат билатералните односи меѓу двете земји на полето на туризмот.  Во останатите сегменти, како енергетиката, инфраструктурното поврзување, трговијата и прекуграничната соработка, беше реферирано за напредокот и идните развојни правци. Меѓу нив се споменати двоцифрена трговска размена, интензивни активности за железничко поврзување на Скопје и Софија до 2025 година,  како и воведување авиолинии Скопје-Софија и Охрид-Варна за почеток во текот на туристичката сезона, а потоа и трајно.

„Во Бугарија за новиот програмски период, планираме 400 милиони евра за изградба и модернизација на пругата Софија – Перник – Радомир – Гешево – граница. Од страна на Република Северна Македонија е предвидена слична сума. Според планот до 2025 година, плус-минус, се очекува да имаме изградена инфраструктура, што е исклучително важно, од гледна точка на поврзаноста и брзината на движење. Планирано е патот Софија-Скопје да не трае повеќе од еден час“, рече Жељазков.

Од македонска страна каде железничкото поврзување се одвива во три фази, според Бектеши, при крај се активностите за првата фаза од Куманово до Бељаковце, проектирана е и ќе стартува изградбата на втората фаза до Крива Паланка, а за третиот дел до бугарската граница веќе се бараат пари од меѓународните финансиски институции.