Во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Република Македонија се престави на саемот за туризам во Брисел, Белгија, каде за туристичките потенцијали на земјава покажале интерес голем број белгиски тур-оператори.

– Може да констатирам дека ова саемско промовирање на Македонија е многу успешно, имајќи предвид дека имаме поединечни средби со повеќе тур-оператори од Белгија кои имаат голем интерес да започнат да работат со Македонија. Освен „ЈетАир“ уште два големи тур-оператори ќе започнат да носат туристи во Македонија. Едната компанија е од Фламанскиот, а другата од Валонскиот дел на Белгија. Исто така најголемата ТВ  станица во Белгија ова година ќе дојде во Македонија да снима документарен филм за природните убавини, културата, традицијата на земјата. Убеден сум дека со промоцијата што се прави во Белгија, како и упорната работа на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот и Амбасадата на Македонија во Брисел, бројот на туристи од Белгија ќе има значителен раст наредниве години, истакна економскиот промотор на Македонија во Белгија Кренар Бектеши.

Од Агенцијата очекуваат позитивни резултати од промотивна стратегија што ќе се спроведува на неколкуте целни пазари, вклучително и на белгискиот.

Предвидени се проекти за обележување и мапирање на планинарски патеки и планински велосипедски патеки, креирање на електронски пазар за издавање на викендици и станови во туристичките места и отварање на авто кампови низ цела Македонија.

OhridNews
извор: МИА