По предлог на владата, односно министерството за животна средина, на дневен ред на  денешната седница на комисијата за транспорт, врски и екологија е второто читање на предлог законот за прогласување на локалитетот Вевчански извори за споменик на природата.

Доколку не се изнесат посериозни забелешки на денешната седница на комисијата, предлог- законот наскоро ќе се најде на гласање пред пратениците во македонското собрание.

Со прогласувањето на Вевчанските извори за споменик на природата, обврска на општина Вевчани и градоначалникот ќе биде понатамошната заштита и зачувување на локалитетот во природна состојба, како и спречувањето на несакани  дејствија со кои посредно или непосредно би можело да се измени состојбата на природните вредности.

Заради заштита на природните вредности  на локалитетот во иднина ќе бидат забранети било какви градежни зафати на Вевчанските извори,  внесување на туѓи растителни и животински видови во вода и на копно во границите на заштитеното  подрачје, ќе се забрани бесправна сеча на дрвјата и грмушките и промена на вегетацијата, депонирање на кој било вид на отпад во споменикот на природата, а градоначалникот на Вевчани ќе биде обврзан да превземе и мерки за  забрана на изградба на било какви видови градби во непосредна близина на изворите.

OhridNews