Новата учебна година започнува денеска. И оваа, како и годините наназад во основните училишта во Охрид запишани се помал број ученици во однос на претходната.

-Тоа е факт кој треба да не загрижува сите, не само во Охрид туку и во целата држава. Тоа е еден тренд којшто изминативе неколку години, можам да кажам една до две децении наназад, ја прати популацијата во целата република, изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

Тој истакна дека овој негативен тренд во Охрид се должи на континуирано намалување на наталитетот, посочувајќи дека владата сериозно размислува како да се справи со овој сериозен проблем за една заедница.

Загриженост за падот на прирастот на населението изрази и министерот за образование Спиро Ристовски. 

-Ме загрижува фактот што секоја година имаме се помалку и помалку првачиња, што е резултат на намалениот наталитет и се помалиот природен прираст на нови генерации во Македонија, рекол Ристовски.

Тој истакнал дека Министерството за образование и наука ги завршило сите подготовки за стартот на новата учебна година, во која бројот на запишани првачиња изнесува 20.774.

И локалната самоуправа на Охрид информира дека е подготвена за старт на новата учебна година. Оттаму најавија поголеми реконструктивни зафати во општинските училишта во текот на наредните неколку месеци. 

-Проектите се при крај и мислам дека за најмногу две недели ќе започне постапката за нивна реализиација, рече градоначалникот Бакрачески.

OhridNews