Во тек се работни активности за поставување на нова опрема во пумпната станица „Метропол“. Во рамки на проектот се врши целосна замена на двете вертикални турбински пумпи кои датираат од 1988 година, информираат од Општина Охрид.
Се поставуваат нови поекономични и автоматизирани пумпни агрегати, со цел обезбедување непрекинато водоснабдување на градот Охрид и околните населени места. Исто така, проектот предвидува и целосна промена на постојното напојување на пумпните агрегати со ново електрично напојување, како и целосна замена на електричната инсталација, велат од Општина Охрид.

Со реализацијата на овој проект ќе се намалат трошоците за електрична енергија на ЈП „Водовод“, кои претставуваат најголем финансиски товар на претпријатието, особено во последните три години по отпочнувањето на енергетската криза, потенцираат.
Вредноста на проектот изнесува околу 38 милиони денари, а средствата ги обезбеди Општина Охрид, преку првиот Јавен повик за финанисирање на проекти од Министерството за локална самоуправа.
OhridNews















