Капитенот на најтрофејниот во германскиот фудбал Баерн Минхен, Филип Лам најави повлекување од фудбалот по завршувањето на тековната сезона.
Оваа одлука дефанзивецот ја соопшти веднаш после победата (1-0) на „баварците“ над Волфзбург во 1/8 финалето во Купот на Германија.
– Ја завршувам кариерата после оваа сезоната. Ги информирав челниците на клубот за мојата одлука. Мислам дека уште оваа сезона можам да играм на вакво ниво и како таков сакам да заминам од клубот кој подари многу. – изјави Лам.
Филип Лам потекнува од школата на Баерн Минхен и за составот од Алијанц арената има дебитирано 2002 година, а против „волците“ во Купот го запиша 501-от настап за матичниот клуб.
Дефанзивецот има кариера без дамка, затоа е обожаван од сите тренери со кои има соработувано во Баерн Минхен, две сезони во Штутгарт и во селекцијата на Германија.
Пред три години на Мундијалот во Бразил ја носеше капитенската лента на „панцирите“ и го крена победничкиот пехар после триумфот во финалето против Аргентина.
Германските медиуми пренесуваат дека Лам одбил директорска позиција во Баерн Минхен и побарал време да размисли што и како понатаму.
OhridNews