Се уште е рано да се каже колкав дел од земјоделските површини уништија поплавите што ја зафатија Македонија.
– Немаме податоци за штетите, многу е краток периодот. Некои површини уште се под вода. Треба да се „исцедат“ по што ќе се прави проценка, изјави денеска ресорниот министер Љупчо Димовски.
Одговорајќи на новинарски прашања, тој изрази надеж дека ако не продолжат временските неприлики, земјоделците ќе најдат начин да го обноват производството со оглед дека е почеток на вегетативната сезона.
Поплавените реони во Штипско и Светиниколско денеска ги посети премиерот Никола Груевски, кој истакна дека владата ќе направи се за да им помогнеме на луѓето зафатени од оваа стихија.
– И досега преку АРМ, Дирекцијата за заштита и спасување, ангажман на сите министри на терен во изминатите два дена, соработка со општините и ангажман на градежна оператива позајмена од приватниот сектор на сите начини се трудевме да помогнеме, рече Груевски.
Премиерот истакна дека ја разбира нервозата кај граѓаните во погодените подрашја , бидејќи штетите кои ги претрпеа тие се големи.
– Јас целосно ги разбирам и секој на нивно место би бил во очајна состојба кога во пет минути ќе ви се уништи се што сте создавале, штеделе и за што сте живееле и сте се бореле со години, рече Груевски, додавајќи дека ако не се ангажирале државните институции штетите ќе беа поголеми.
Во најзагрозените подрачја и денеска со хеликоптер се дистрибуираше храна и вода за отсечените од поплавите, а помош пристигнува и од приватниот сектор.