Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) работи на проширување на коловозот на патниот правец Р2234, од селото Долно Татеши до селото Мислодежда, струшко во должина од 3.500 метри и вредност од 20 милиони денари.
Патниот правец Р2234, според ЈПДП, претставува клучна врска за локалното население, бидејќи минува низ повеќе населени места и е од големо значење за секојдневното патување на граѓаните, снабдувањето со стоки и развојот на туризмот во регионот.
Проектот опфаќа градежни активности кои ќе овозможат зголемување на безбедноста и комфорот при сообраќајот. Изведбата, за која е задолжено ЈП „Македонијапат“, предвидува проширување на коловозот од сегашните 3,8 метри на пет метри, што ќе овозможи полесно и побезбедно движење на возилата, информираат од ЈПДП.
Работите, како што е наведено, вклучуваат ископ на 3.000 кубни метри земјан материјал, поставување на 900 кубни метри тампон за стабилизација на подлогата и вградување на 1.200 тони асфалт.
Со реализацијата на оваа инвестиција ќе се подобри квалитетот на патната мрежа, ќе се олесни пристапот до руралните населени места, а истовремено ќе се поттикне економскиот развој и ќе се подобрат условите за живот на локалното население. Дополнително, подобрената инфраструктура ќе овозможи побрза и побезбедна комуникација на локално и на регионално ниво, посочуваат од ЈПДП.
OhridNews