-Се што е надвор од предвидените локации со Програмата за поставување на урбана опрема е незаконско однесување и во тој дел ќе треба пазарната, трудовата и другите инспекции во содејство со локалните инспекциски служби да ги отстрануваат тие диво поставени тезги за продажба на храна или останати производи кои што не е дозволено да се продаваат на отворено и на локациите предвидени за урбана опрема.-изјави Тихомир Дурнев од Секторот за урбанизам и заштита на животната средина.
Поголема ангажираност од инспекциските служби бараат и советниците кои ја одобрија програмата за поставување на урбана опрема, посочувајќи дека таа не се почитува и дека наспроти сите заложби секоја туристичка сезона во центарот на Охрид владее хаос од диво поставени тезги на кои се продава се и сешто.
– Се обидуваме да ги отстраниме недостатоците кои ги воочуваме, меѓутоа за жал во пракса ни се случува дивеење, поставување урбана опрема на несоодветни места, таму каде што им одговара и мислам дека инспекциските служби треба во текот на летната сезона кога го има најповеќе тоа дивеење, навистина да излезат на терен и да преземат одредени санкциони мерки, бидејќи тие имаат законски надлежности да ја спречат нелојалната конкуренција и ширењето на сивата економија што се случува пред очите на јавноста. Сите сме свесни дека се наоѓаме во тешка економска ситуација и ги разбираме луѓето кои немаат работа и се обидуваат да извадат парче леб, меѓутоа треба да се разберат и оние луѓе кои легално отвориле фирми и уредено плаќаат даноци и придонеси за вработените дека и тие се погодени од оваа економска криза.-вели советничката Верица Хајба.
Со измената во програмата за поставување урбана опрема оваа година се одредени и повеќе локации на потегот од каналот Студенчишта кон Горица, каде ќе бидат поставени тезги и времени објекти за продажба на сладолед и сувенири, кои според одговорните во локалната самоуправа нема да претставуваат нелојална конкуренција на концесионерите на плажите на тој потег.
– Не секој граѓанин има да седне во тие кафетерии сега, инаку плажи, за да се освежи. Сега овозможуваме да се купи сладолед од обични фрижидери каде цените се поевтини. Со воведување на овие содржини нема да има нелојална конкуренција на концесионерите на плажи, бидејќи и тоа ќе се концесионери кои ќе плаќаат надомест.-објаснува Дурнев.
И годинава урбаната опрема која ќе се поставува во центарот на Охрид нема да биде унифицирана, бидејќи сеуште не е завршена тендерската постапка, но Локалната најавува дека догодина Охрид ќе добие унифицирани тезги за продажба на сувенири, книги и уметнички дела.