Се пушта во употреба клучката Подмоље, клучка која ги спојувува Охрид и Струга, но и Албанија и Македонија, а интензивно се работи и на пристапните патишта кон селата, беше посочено при денешниот увид на градежните активности на автопатот Кичево – Охрид од страна на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски, директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, како и пратениците во Собранието.
Пред повеќе од месец дена го пуштивме патот од Врјани до Ботун, а денес прваиме увид во градежните работи на патниот правец од Климештани до Охрид кој е во должина од околу 15 километри. Клучката Подмоље денес, евентуално утре сабајле ќе биде пуштена во функција. Со тоа ќе се подобри протокот на возилата и ќе се зголеми безбедноста. Се работи на тоа да се овозможи од десниот дел на патот гледано од Кичево накај Охрид да се заврши во должина од 1 километар со алсфалтен слој. Од Климештани се до Охрид активно се работи на секој метар. Има огромен број механизација, сите заедно сплотени да можеме оваа делница да ја пуштиме што поскоро. Се работи на натпатникот кај Св. Еразмо каде се асфалтира, на натпатникот кај Подмоље веќе почна да се беторнираат бетонските греди. Ќе биде многу значајно Подмоље да се поврзе со регионалниот пат. Се работи на пристапните патишта на Подмоље, Оровник и Горенци, бидејќи без правање на овие пристапни патишта овој пат не може да се пушти, рече Трајановски.
Посочи дека интензивно се работи гледано од Кичево кон Охрид по бензиската Еко Петрол на левата страна.
Пред некој ден се бетонира потпатникот кој долго време се работеше и очекуваме дека за неколу дена и тој 1,5 километри ќе биде асфалтиран. Со тоа левата лента од Климештани до Охрид ќе биде целосно затворена со асфалт и ќе може да се вози по неа. Се работи на еластичната ограда на среднишниот дел и страничните делови, на дислокација на кабли, на жичната ограда… се со цел овој пат да биде направен што побрзо како што е предвидено со роковите и по сите стандарди, додаде.
Денес решаваме уште еден горлив проблем во изградбата на автопатот Кичево-Охрид, а тоа е пуштањето во употреба на клучката Подмоље, клучка која ги спојувува Охрид и Струга, но и Албанија и Македонија, рече Николоски.
Ова беше еден од наследените проблеми од минатото со тоа што беше срушена оваа клучка без да бидат решени имотно-правните односи, без да биде решена експропријацијата и клучката беше со години срушена без можност одново да биде изградена и пуштена во функција. Ова го решивме со формирање на новата Влада. Со клучката се добива многу побрз проток на луѓе и патници и многу побезбеден сообраќај. Во однос на динамиката на изградба на автопатот, на дневна основа сме посветени, работиме. Напредокот е добар, имајќи ги предвид годините на застој. Интензивно се работи на пристапните патишта кон селата. Овој пат беше испроектиран без ниеден излез и ова беше автопат на кој не беше предвиден ниту еден потпатник, а во моментов работиме на 16. Со потпатниците и натпатниците и со влезовите се решаваат пристапите до сите села, додаде Николоски.
Мицкоски истакна дека интензивно се работи и на свлечиштата, како и на проекти за стабилизирање на земјиштето, за да, како што посочи, може целата траса да биде пуштена и завршена, оние неколку километри кај селото Ботун, но и оние километри кои го поврзуваат тунелот кај Врбјани со Кичево.
Очекувам и тоа да се заврши и од есенва да се работи на стабилизација на тоа земјиште, со што целата секција од Кичево до Охрид ќе биде стабилизирана и безбедна за возење. Патот беше предвиден без исклучоци, без стабилизирано земјиште, со многу свлечишта…, но тоа паралелно се работи. Динамиката е задоволителна и денес го правиме увидот да ги охрабриме компаниите кои работат дека треба да се заврши за да бидеме автопатски поврзани и истиот да биде конечно завршен после една деценија. Со несмалена динамика се работи и на три други делници, Тетово-Гостивар, Гостивар -Букојчани и Прилеп-Битола. Не се знае сеуште точно колку би поскапел автопатот Кичево-Охрид, бидејќи проектите сеуште ги работат и кога ќе бидат готови ќе биде јавноста запознаена. Но, тоа се проекти кои се потребни, меѓу нив и за пристапните патишта, потенцираше Мицкоски.
Воедно беше посочено дека крајниот рок за изгрдба на автопатот Кичево-Охрид е 2026 година и истиот ќе биде запазен.
Н.С.Ј.