Екипи на јавното претпријатие Охридски комуналец денес започнаа со активности за расчистување на  градежниот шут и отпад од локалитетот Мауцкер каде е предвидена изградба на индустриска зона.

Подготовките за изградба на индустриската зона се при крај, најавуваат од локалната самоуправа.

Целосната проектна документација која беше обврска на локалната самоуправа е завршена и е предадена до министерството за транспорт и врски за добивање согласност, а по процедурата  во министерството и добивањето на согласност, се очекува советот да ја донесе урбанистичко планската документација за индустриската зона. Пред да започне изградбата, ние сме принудени да преземеме и активности за расчистување на Мауцкер од расфрланиот градежен шут кој со години наназад неплански се депонирал, по што местото прераснало во голема депонија. Локацијата ќе се расчисти и сиот шут ќе се однесе на депонијата во Буково, што воедно е и дополнителен финансиски товар за општината, но веќе е издаден налог до јавното претпријатие и стручните служби, со цел локацијата да се подготви пред да започне изградбата на зоната, изјави секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.

Како што претходно беше најавено од локалната самоуправа неколку охридски компании веќе покажале интерес да инвестираат во градба на производствени капацитети во индустриската зона кај Мауцкер.

Т.К.