Патот од селото Вапила до селото Ливоишта во иднина нема да претставува проблем за жителите кои живеат во овој регион, бидејќи истиот ќе биде целосно саниран. Работните активности за пополнување на ударните дупки, кои започнаа во теков на денешниот ден, ги надгледуваше Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески. Од Охридската локална самоуправа информираат дека санацијата на овој патен правец е само привремено решение додека не започне неговата целосна реконструкција.
Инаку патот од селото Вапила до селото Сирула кој од пред дваесетина дена започна комплетно да се реконструира е при крај. Проектот за реконструкција на овој пат опфаќа 1.700 метри и изработка на нов пат во должина од 2.700 метри.
Средствата за оваа реконструкција се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој и се дел од програмата на Локалната самоуправа за развој на руралните средини.
OhridNews















